САД со визни рестрикции за раководители на бродски компании од Колумбија

САД со визни рестрикции за раководители на бродски компании од Колумбија кои превезуваат нелегални мигранти.

САД воведоа визни рестрикции против раководители на неколку транспортни компании од Колумбија кои превезуваат мигранти по морски пат.

Во соопштението објавено денеска се вели дека овие компании ловат ранливи мигранти со нудење сервиси чиј цел пред сѐ е овозможување незаконска имиграција во САД.

-Неколку компании обезбедуваат морски сообраќај и свесно овозможуваат незаконски транспорт на мигранти и ги изложуваат мигрантите на експлоатација и насилство, се вели во соопштението од американскиот Стејт департментот.

Оттаму наведуваат дека визните рестрикции промовираат одговорност за овие актери и испраќат сигнал дека никој не смее да профитира од ранливи мигранти, ниту криумчарите, ниту пак приватните компании или официјалните лица.

-САД ќе продолжат со мерките за визни рестрикции против безобѕирните сопственици на транспортни компании, раководители и службени лица како дел од пошироката стратегија за елиминација на практиките за експлоатација во рамките на и надвор од Западната хемисфера, и во соработка со партнери во владата и приватниот сектор, се вели во соопштението.

САД се судираат со историски зголемен приток на нелегална имиграција од Јужна Америка на американско-мексиканската граница. Проблемот со нелегалната имиграција е главна тема во предизборните кампањи во пресрет на претседателските избори закажани за во ноември, на кои најверојатно ќе учествуваат кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.

Тешка сообраќајка на „Водњанска“, повредени седум лица

Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар.

-Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил „БМВ“, автомобил „Ауди“, и две паркирани патнички возила „Голф“ и „Мерцедес“, сите со скопски регистарски ознаки, соопштија од МВР..

Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, но причините се уште не се познати.

Каселакис до Мицотакис: Ако сметате дека договорот од Преспа е предавнички, поништите го

Во Грција и понатаму една од главните политичките теми во пресрет на евроизборите е Преспанскиот договор, што се отвори по неупотребата на „Северна“ од страна на Сиљановска за време на заклетвата.

По многу жестоки реакции од Мицотакис, лидерот на СИРИЗА, Стефанос Каселакис му фрли ракавица од синоќешниот митинг во Солун. Ако навистина договорот од Преспа го смета за предавнички, да го раскине. Во спротивно да се извини на грчкиот народ, како и на Ципрас и Коѕијас.

-Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, рече Каселакис.

Вучиќ утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на резолуцијата за Сребреница

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека утре ќе отпатува за Њујорк, каде со делегацијата ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, која наредната недела е на дневен ред на Генералното собрание на ОН, а амандманите кои Црна Гора ги поднесе на резолуцијата ги нарече „валкана игра“.

„Утре одиме во Њујорк, четири до пет дена ќе поминеме во Њујорк, ќе имам голем број средби, а во четврток сите заедно ќе се бориме“, истакна денеска Вучиќ во телевизиско интервју.

Тој рече дека со него во делегацијата треба да одат само оние кои се „подготвени за борба на секој можен начин“.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој ќе расправа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана“.

Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора.

Осврнувајќи се на амандманите што Црна Гора ги достави на резолуцијата за Сребреница, а кои главно беа прифатени, Вучиќ тоа го нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, рече Вучиќ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого за тоа преговарата Црна Гора. /МИА

притисни ентер