Се зголемува бројот на загинати во нападот врз Одеса

Пет лица загинаа во вчерашниот руски ракетен напад врз градот Одеса во југозападна Украина, се вели во најновиот биланс објавен денеска од локалните власти.

Бројот на жртвите од вчерашниот руски ракетен напад врз Одеса се искачи на пет, бидејќи едно лице почина во болница, напиша регионалниот гувернер Олег Кипер на социјалните мрежи.

Во нападот се ранети 23 лица и тие се уште се лекуваат, додаде тој.

Одеса, црноморско пристаниште од витално значење за украинскиот извоз, е честа цел на руски напади.

Ѓуриќ: Ќе направиме се да добиеме најдобар резултат за Србија за резолуцијата за Сребреница

Сигурно е дека тоа ќе биде силна дипломатска активност, сериозна борба. Притисокот со кој се соочуваме, не само ние, туку и земјите кои гласно се изјаснуваат против резолуцијата е огромен.

Министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ изјави дека делегацијата предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ во Њујорк прави максимални напори за Србија да добие најдобар можен резултат на седницата на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сигурно е дека тоа ќе биде силна дипломатска активност, сериозна борба. Притисокот со кој се соочуваме, не само ние, туку и земјите кои гласно се изјаснуваат против резолуцијата е огромен. Паралелно со нашите напори за лобирање, продолжуваат и притисоците на земјите кои се 20 пати посилни од Србија. Земјите кои се изјаснуваат против во одредени сегменти и ситуации се соочуваат со огромен притисок, изјави Ѓуриќ во соопштението на српското МНР.

Тој кажа дека во таа борба е вложен сиот кредибилитет што го има Србија, преку Движењето на неврзаните, добрата соработка и принципиелна политика.

Шефот на српската дипломатија рече и дека пред еден месец во Обединетите нации се чинеше дека резолуцијата е завршена работа, бидејќи никој не очекуваше некој да се осмели да се спротивстави на нешто што е замислено како политичка осуда на Србија и како создавање на морална стигма што ќе би ја носеле сегашните и идните генерации.

Неговиот впечаток е дека коспонзорите на резолуцијата не очекувале и не сакале сценарио во кое Србија активно се спротивставува и дека е убеден дека тоа ќе вроди со одредени плодови.

-Не би сакал претерано да ги зголемувам очекувањата, но сосема е сигурно дека работите не поминуваат и нема да се одвиваат онака како што замислиле авторите на овие резолуции, рече шефот на српската дипломатија.

Австралискиот премиер повика да престане кривичното гонење на Асанж

Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска повика да се стави крај на затворањето и гонењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако му беше одобрена нова жалба против неговата екстрадиција во САД.

Високиот суд на Велика Британија му дозволи на Асанж да поднесе жалба на неговата екстрадиција, спречувајќи ги напорите на Вашингтон да му се суди на 52-годишниот Австралиец обвинет за оддавање американски воени тајни.

По одлуката, австралискиот премиер ги повтори повиците за прекин на гонењето на Асанж, велејќи дека нема „ништо да се добие“ од неговото затворање.

- Работиме на тоа, изјави австралискиот премиер.

Британската влада ја одобри екстрадицијата на Асанж во јуни 2022 година.

Асанж е во затвор во Лондон од април 2019 година, откако помина седум години во засолниште во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот премиер на почетокот на годинава изјави дека гонењето на Асанж „не може да трае бесконечно“.

Американските власти сакаат да му судат на Асанж за оддавање американски воени тајни поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

Тој е обвинет дека објавил 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, почнувајќи од 2010 година, а во САД се соочува со затворска казна до 175 години.

Речиси 150 земјотреси за помалку од 5 часа во регионот на Неапол

Речиси 150 земјотреси за помалку од пет часа во регионот на Неапол, најголем број во последните 40 години.

Речиси 150 земјотреси, најсилни во последните 40 години, се регистрирани синоќа и утринава на Флегрејските полиња во близина на Неапол во јужна Италија, во кои не е предизвикана голема штета, но имаше паника меѓу населението, соопштија властите.

Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути по локално време на длабочина од 2,5 километри, соопшти Националниот институт за геофизика и вулканологија.

Институтот забележа десетици послаби потреси на земјата во следните часови. Вкупно, околу 150 земјотреси ја погодија областа за помалку од пет часа, почнувајќи од 19:50 часот. Според претставникот на Институтот, Мауро Ди Вито „ова е најмоќната серија земјотреси во последните 40 години“.

На видеата на жителите објавени на социјалните мрежи, може да се видат шишиња со млеко и пијалоци расфрлани на подот во продавниците во општината Позуоли во областа на Флегрејските полиња, каде живеат околу половина милион луѓе. Земјотресот бил силно почувствуван и во Неапол, вклучително и во пристаништето.

Училиштата денеска ќе останат затворени во Позуоли, каде што се отворени сместувачките центри и се поставени шатори на паркинг и плоштад покрај морето за да се сместат во жителите, објави на Фејсбук градоначалникот на градот, Луиџи Манцони. Од противпожарната бригада велат дека жителите пријавиле пукнатини во куќите и делови кои паднале од фасадите на зградите.

Флегрејските полиња се засенети од Везув, чија ерупција ја избриша Помпеја од картата во 79 година од нашата ера. Локалните жители и научниците се загрижени за оживување на активноста поради гасовите што се испуштаат од магмата што вршат притисок врз површината што предизвикува пукање на земјата.

притисни ентер