Штајнмаер: Западен Балкан не смее да остане „сива зона за руско деструктивно влијание“

- После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнм

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Чешката Република Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала на денешната конференција во Прага по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска унија повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред портите на Унијата бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.

- После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател рече дека нападот на Русија не е само врз Украина, туку и врз сите историски лекции што Германија и Чешка и цела Европа ги научиле од двете светски војни.

- Со рускиот напад врз Украина, војната се врати во Европа. Подмолниот напад врз нашиот сосед е истовремено и напад на идејата за мирољубив соседски живот во Европа, кршење на меѓународното право со последици далеку надвор од границите на Украина, кои не засегаат сите нас, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател во текот на својот говор неколку пати потенцираше дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект кој треба да се брани бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив, пренесе Бета.

- Би го цитирал (поранешниот) чешки претседател Вацлав Хавел во врска со интервенцијата во Косово дека „има моменти кога треба да се каже доста“. Тоа не е само чин на солидарност, туку и на самоодржување. Руската агресија е напад на сите лекции што ги научивме во Германија и Европа од двете светски војни. На тој напад можеме да одговориме на единствен начин – со поддршка на Украина како составен дел на Европа и идна членка на ЕУ“, рече Штајнмаер.

Претседателот на Чешка Петр Павел на конференцијата по повод одбележувањето на две децении Чешка во ЕУ посочи дека безбедноста на ЕУ не почнува од нејзините граници туку многу подалеку и оти е неприфатлива индиферентноста кон соседите на Унијата.

- Имам разбирање за земјите кои стојат пред вратата на ЕУ, нивните амбиции ја докажуваат привлечноста на тој проект. Проширувањето е исто така геополитичка неопходност. Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија да стојат пред вратата на ЕУ, ќе ги оставиме на милост и немилост на Русија и на актерите кои не и посакуваат добро на Европа, рече чешкиот претседател.

Чешкиот премиер Петр Фијала, исто така, истакна дека проширувањето со Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово е неопходно за безбедноста на континентот и самата ЕУ.

- Да им ја дадеме таа шанса и да ги искористиме можностите што ќе ни ги донесе тоа. Тоа проширување е неопходност за безбедноста на ЕУ. Секоја друга опција е полоша и за нив како и за нас, рече Фијала.

Зборувајќи за клучните достигнувања и придобивки од проширувањето пред две децении за сите членки на ЕУ, не само економски, туку пред се мировни и решавање на проблемите и несогласувањата со постигнување компромис, и претседателот и премиерот на Чешка истакнаа дека Европа сега мора активно да се брани бидејќи не е неуништлива и од надворешни закани, како што е агресивната политика на Русија, и од внатре.

– И внатре во ЕУ има оспорување на основните демократски вредности. Неодговорните популисти го оспоруваат целиот проект на ЕУ. Кругот ѕвезди на знамето на ЕУ ја покажува природата на нашата заедница – сите ние сме поврзани и во исто време слободни. На ЕУ и треба да се брани бидејќи таа сигурно не е неуништлива, како што предупреди во својот говор претседателот Макрон во Сорбона. Опасно е да се однесуваме како тоа што сме го постигнале да е засекогаш сигурно, рече германскиот претседател.

Франк-Валтер Штајнмаер во Прага ги повика Европејците да излезат на европските парламентарни избори и да не дозволат популистите да ја нарушат нивната доверба во институциите и да ги убедат дека најгласните гласови се најважни.

Ужасна снимка од напад на ајкула- се слушаат и врисоци под вода (ВИДЕО)

Следното видео кружи низ мрежите веќе неколку години, а го објави Ден Вајт, кој своевремено тренирал како нуркач на брегот на Египет.

Повеќе нуркачи се придружиле на неговата група, што доведе до промена во однесувањето на ајкулите што кружат во близина.

Отпрвин немало никакви проблеми, а Вајт ужива во друштво на океански белоперки. И тогаш една од нив решила поблиску да ги истражи „непоканетите гости“.

„Три пати се нафрли на мојот колега, а потоа му пријде германски нуркач. За жал, не успеале да ги следат нејзините движења. „Штом доби прилика, го дофати за ногата“, рече Вајт.

Додека ги заривала острите заби, се слуша крикот на несреќниот маж, што го прави видеото уште повознемирувачко.

За среќа, ајкулата се оддалечи и повеќе не нападна, бидејќи којзнае како сѐ би завршило на 10 метри длабочина.

На несреќниот човек му била укажана помош на брегот, а ногата му била во прилично лоша состојба, изгризана до коска.

Веднаш му биле дадени лекови против болки, додека раната била преврзана. По некое чудо, не морала да му биде ампутирана, пренесува LadBible.

Орбан: Претпоставките за врската на атентатот врз Фицо и војната во Украина се оправдани

Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека е оправдано да се претпоставува дека има поврзаност меѓу атентатот на словачкиот премиер Роберт Фицо и војната во Украина.

Орбан рече дека „малку земји зборувале со гласот на мирот, освен неодамна Унгарија, Ватикан и Словачка“ и додаде дека „силните центри на моќ имаат интерес да ја продолжат војната“ во Украина, пренесува МТИ.

Унгарскиот премиер рече дека „сигурно е дека напаѓачот бил левичар и провоен“ и оти затоа претпоставките за поврзаноста меѓу атентатот и војната „не се неоправдани“ бидејќи, како што оцени, „постојат големи сили зад политичарите кои се за војна“.

„Оние кои се за мир не смеат да се плашат и мора да се соочат со империјата на Сорос и, доколку е потребно, со американската надворешна политика и мора јасно да кажат дека во интерес на Европа е страните да се вратат на преговарачка маса“, рече Орбан.

Управен суд ја одби тужбата на „Европски фронт“ за избирачкото место 1470 во Долнени

Управниот суд денеска ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1470 во Долнени.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.

Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194 во Општина Крушево.

ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата „Вреди“ со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

притисни ентер