Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

Ван Перси презеде елитен холандски тим

Поранешниот играч на Арсенал и Манчестер Јунајтед, Робин ван Перси е нов тренер на Херенвен, соопшти холандскиот клуб. 40-годишниот стручњак потпиша за две сезони.

За Ван Перси, кој е играчот со најмногу голови во историјата на „лалињата“ со 50 погодоци, ова ќе биде деби како тренер на сениорска екипа.

Досега имаше искуство како тренер на младински тимови на матичниот Феенорд.

-Тренерската професија е сеопфатна и предизвикувачка, и ја практикувам со многу страст и задоволство. Имам желба да продолжам со мојот развој и улогата на главен тренер совршено одговара на оваа амбиција. Затоа сум воодушевен од можноста што Херенвен ми нуди многу убав елитен клуб со богати традиции и лојални поддржувачи. Фантастичен предизвик е да се дозволи да се придонесе за спортските амбиции и развој на клубот овде како главен тренер, истакна легендарниот стрелец.

Официјално ќе биде претставен во вторник на 21 мај. Херенвен е на 10. место во Ередивизи пред крајот на првенството./МИА

притисни ентер