Српската власт и опозиција не постигнаа договор за изборните услови, до петок одлука за учество

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека не е постигнат договор меѓу власта и опозицијата за изборните услови, бидејќи се било сведено на дискусии за датуми за изборите.

Во Собранието на Србија заврши средбата на која претставниците на власта и опозицијата разговараа за изборните услови, по што претседателката на Собранието Ана Брнабиќ изјави дека не е постигнат договор за изборни услови, додека коалицијата Србија против насилство најави дека во петок ќе донесе одлука за учество или бојкот на изборите во Белград на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека не е постигнат договор меѓу власта и опозицијата за изборните услови, бидејќи се било сведено на дискусии за датуми за изборите.

- Разговаравме малку повеќе за изборните услови, но на крајот ултимативно беше поставен како услов датумот. Не избирачкиот список, не условите за избори, рече таа на прес-конференцијата по разговорите со дел од опозицијата.

Што се однесува до изборите во Белград, Брнабиќ рече дека тие ќе се одржат кога им е законски рок, на 2 јуни.

-Во однос на конструктивноста, размената на аргументи и мислења, оваа средба е апсолутно најдобрата досега. Имавме многу добра средба и дијалог што ќе го направи горд секој парламент во светот, изјави таа.

По денешните неуспешни консултации коалицијата Србија против насилство во петок ќе донесе одлука дали ќе излезе или ќе ги бојкотира изборите во Белград на 2 јуни, најави шефот на пратеничката група на Партијата за слобода и правда (ССП) , Мариника Тепиќ.

Таа на прес-конференцијата по разговорите рече дека и денеска не мрднале подалеку од почетокот и дека сите останале на своите позиции.

Шефот на пратеничката група на Србија Центар, Здравко Понош, оцени дека нема повеќе време значително да се променат изборните услови.

-Власта одлучи да оди на избори во Белград со нас или без нас. Сакаат да зборуваме за изборни услови за некои други избори, но ние не сме подготвени за тоа, рече Понош. /МИА

Турското ГП би можело да се врати во календарот на Формула 1 за две години

Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата повторно може да биде домаќин на трка во Формула 1. Според него, тоа ќе се случи во 2026 година.

Последен пат турско Гран при се одржа како дел од Светскиот шампионат во кружни трки во сезоната 2021 година.

- Тендерот за управување на патеката Формула 1 во Истанбул се одржа на почетокот на април и беше успешно завршен. Сега преминавме на втората фаза. Претходниот закупец мора да го ослободи просторот и да го предаде на победникот. По ова, процесот на склучување договор за одржување на Гран при во Истанбул од 2026 година ќе продолжи брзо, изјави Ерсој за „Milliyet“.

Се истакнува дека тендерот за изнајмување и контрола на објектот „Истанбул Парк“, во кој е вклучена и тркачката патека, се одржал на 2 април. Го освои Кан Билим Егитим Курумлар А.С., чиј партнер е шефот на управниот одбор на турскиот огранок на Пирели, Лале Џандер.

Првата етапа во Турција во рамките на Формула 1 се одржа во 2005 година. Во 2021 година се одржа од 8 до 10 октомври. Победи Валтери Ботас со Мерцедес, Макс Верстапен во Ред Бул беше втор, а Серхио Перез трет. /МИА

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

притисни ентер