СЗО: Зголемен е ризикот за пренос на птичји грип врз луѓе, многу сме загрижени

Светската здравствена организација изрази загриженост поради ширењето на птичјиот грип Х5Н1, кој има „исклучително висока“ стапка на смртност кај луѓето.

Избувнувањето што започнало во 2020 година досега уби десетици милиони живина, а неодамнешното ширење на вирусот кај неколку видови цицачи, вклучително и домашни говеда во САД, го зголеми ризикот од пренесување на луѓето, соопшти СЗО.

„Мислам дека ова останува огромен проблем“, им рече на новинарите во Женева главниот научник на агенцијата за здравство на ОН, Џереми Фарар. Минатиот месец на листата на заразени видови се приклучија и кравите и козите, што е неочекуван развој за експертите бидејќи се сметаше дека тие не се подложни на овој тип на грип.

Американските власти овој месец објавија дека едно лице во Тексас се опоравува од птичји грип по изложување на говеда, при што 16 крда во шест држави се заразени по изложување на диви птици.

Варијантата A(H5N1) стана „глобална пандемија на зоонозни животни“, рече Фарар. „Се разбира, постои голема загриженост за инфицирање на патки и кокошки, а потоа сè повеќе и на цицачи. Тој вирус сега се развива и развива способност да зарази луѓе, а потоа и критична способност да премине од човек на човек“, додаде тој.

Засега нема докази дека Х5Н1 се шири меѓу луѓето. Но, во стотиците случаи кога луѓето биле заразени од контакт со животни во изминатите 20 години, „стапката на смртност е исклучително висока“, рече Фарар, бидејќи луѓето немаат природен имунитет на вирусот.

Од 2003 до 2024 година, ширум светот се пријавени 889 случаи и 463 смртни случаи предизвикани од Х5Н1 во 23 земји, со стапка на смртност од 52%.

Неодамнешниот случај на човечка инфекција во САД по контакт со заразен цицач го нагласува зголемениот ризик. Кога ќе „влезете во популација на цицачи, тогаш ќе се приближите до луѓето“, рече Фарар, предупредувајќи дека „овој вирус само бара нови, понови домаќини“.

Фарар повика на зголемен мониторинг, велејќи дека „многу е важно да се разбере колку човечки инфекции се случуваат бидејќи таму ќе се случи адаптацијата на вирусот“. „Трагично е да се каже ова, но ако заболам од Х5Н1 и умрам, тоа е крајот на тоа.“

Тој исто така рече дека во тек се напори за развој на вакцина и терапија за Х5Н1 и ја истакна потребата да се осигура дека регионалните и националните здравствени власти ширум светот имаат капацитет да го дијагностицираат вирусот. На тој начин, вели тој, „ако H5N1 дојде до луѓето, со пренос од човек на човек“, светот би бил „во позиција веднаш да реагира“.

Во Охрид одржан велигденски концерт

 Во духот на предвечерието на големиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, НУ „Охридско лето“ организира концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово.

Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ во Охрид вчера настапија 21 хористки кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник.

-Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку визнатиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршувме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот, вели маестро Зориќ.

Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој.

-Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исо така, работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав јас и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведоа на Велигденскиот концерт во организација на НУ „Охридско лето“, Женскиот хор „Менада“ во октомври треба да настапи во Истанбул, Турција.

Непознати лица се обиделе да запалат синагога во Варшава

Непознати лица синоќа фрлиле молотов коктел врз единствената зачувана предвоена синагога во Варшава која се уште служи како место за богослужба и се обиделе да ја запалат, соопшти полската полиција.

„Командата на полицијата добила пријава за обид за палење на синагогата Нозика во Варшава. Полицијата води истрага во врска со тоа“, изјави Јацек Вишњевски од варшавската полиција за полските медиуми.

„Рабинот Шудрих пишува дека некој се обидел да ја запали синагогата со помош на молотов коктел. Фала му на Бога, никој не беше повреден. Интересно, кој се обидува да ја наруши годишнината од нашето влегување во Европската Унија?“, реагира на социјалната мрежа Икс, шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Таа синагога се реновира од 2008 година. /МИА

Повеќе од 40 приведени во операција против „Исламска држава“ во Турција

Повеќе од 40 лица се приведени во Турција за време на операција против „Исламска држава“, јави турската државна телевизија ТРТ Хабер, повикувајќи се на изјава на министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Акциите биле спроведени на територијата на 12 (од вкупно 81) окрузи во земјата, меѓу кои Истанбул, Ескишехир, Каракале, Невшехир и Маниса. Тие биле извршени од страна на окружните полициски служби под координација на разузнавачките и антитерористичките сили на Генералниот директорат на полицијата.

Како резултат на операциите уапсени се вкупно 41 осомничен, од кои 10 во Истанбул. Запленети се пиштоли во нелегална сопственост, бројни дигитални материјали и поголема количина девизи и турски лири. /МИА

притисни ентер