Тошковски: Две лица се приведени за убиството на лекарот од Железара, се вршат претреси

Две лица се приведени, а полицијата врши претреси во врска со случајот во кој убиен беше доктор во кругот на поликлиниката Железара.

Ова вечерва го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој посочи дека за овој предмет СВР Скопје вложиле огромна енергија.

-Во овој предмет се преземени над 20 истражни дејствија по наредба на јавен обвинител. Разгледани се преку 50-тина видео записи. Во овој момент се постапува по наредба се врши претрес, имаме осомничени лица за настанот. Има материјални траги кои водат до осомничените, а приведени се две лица, нагласи Тошковски.

Министерот истакна дека, според информациите со кои во моментов располага, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Како што е познато, убиениот матичен лекар е Ацо Трпковски, со убодни рани бил пронајден во својот паркиран автомобил „Киа“ пред поликлиниката, доцна во ноќта од неговите двајца синови, кои почнале да го бараат, откако неколку часа го немало да се врати од работа.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

Свечена промоција на нови полициски службеници во Центарот за обука на МВР во Идризово

Свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, ќе се одржи денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, со почеток во 11:00 часот.

На промоцијата обраќања ќе имаат премиерот на техничката Влада Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и Сузе Трајковска, раководител на Центарот за обука на МВР.

Настанот ќе биде пренесуван и во живо на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи.

притисни ентер