Уличната мода во Милано ја изненади јавноста: Дали ова е нов тренд? (видео)

Градот што некогаш важеше за инспирација на дизајнерите преплавен со невкус и немарност.

Модата во европските градови се следи со децении, а италијанскиот град Милано отсекогаш се сметал за нејзина престолнина. Сведоштвата на многумина кои некогаш го посетиле овој град најчесто беа позитивни и откриваа убаво облечени жени и мажи што шетаат по улиците.

Сепак, едно видео на социјалните мрежи покажа дека работите се менуваат, дека не е сè како што се чини, а тоа во најмала рака ги изненади луѓето. Иако сите мислат дека во Милано шетаат средени и дотерани луѓе, оваа снимка покажува дека, или луѓето имале погрешна слика за престолнината на модата или таа се променила со текот на времето и со доаѓањето на новите генерации и трендови.

На видеото може да се видат млади луѓе како се шетаат во безлична и неугледна облека. И не само тоа, туку и комбинираат неспоиви стилови, па носат бермуди со бели чорапи и мокасини. Исти такви чорапи се забележани и кај една девојка која ги комбинирала со фустан и високи потпетици, додека еден маж шета со речиси женска свилена кошула. Некои комбинирале зимска облека со летна, која изгледа како да ја собрале од контејнер, но сепак се сретнуваат и убави и позитивни примери на складно и елегантно облечени вљубеници во модата.

Дека уметничкиот израз е присутен меѓу луѓето во овој град, покажуваат и девојките кои преку ден носат вратоврска во комбинација со полежерна кошула, а притоа не изгледаат деловно. Додека некои носат фармерки со разни платнени додатоци, кои попрво би ги виделе во циркус отколку на улица. Сепак, некои останале доследни на својот стил и нешто што е класично, па не погрешиле при изборот на облека. Од друга страна, оние што носат необични парчиња облека и форсираат позапуштен изглед, посакуваат доза на екстравагантност и лежерност. Многу корисници на мрежата ова го дочекале со чудење, додека некои го бранеа ваквиот стил.

- Сè додека им е удобно така, не е важно. Модата е забавна и слободна.

- Луѓето прават сè за да изгледа како бездомници.

- Ниту еден од овие луѓе не изгледа добро. Сè им прилега лошо.

- Ова, демек, треба да биде мода... Луѓето немаат поим од мода, ова е само неуредност...

- Ужас! Сите се обидуваат да изгледаат лошо денес?

- Фала му на Бога што не живеам во Милано - беа дел од коментарите.

Многумина рекле дека овие шетачи секако се обидуваат да бидат автентични и креативни, но дека тоа не им успеало. Некои прокоментирале дека ова потсетува на модата од 90-тите, но изгледа многу поевтино. Има и коментари во кои е наведено дека вакви ситуации не се сретнуваат само во Милано, туку невешто облечени луѓе гледаме секојдневно, а тоа сигурно не може да биде мода. Со оглед на тоа што Милано е центар на модата и културата, многумина се согласиле дека вака Милано сигурно не испраќа добра слика и дека луѓето би требало малку повеќе да се погрижат со својот изглед.

Извор: srecna.republika.rs

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа.

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок.

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. /МИА

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

Шмит: Силна економија е можна само со социјална заштита и работнички права

Првомајска порака на еврокомесарот Шмит.

На 1 мај кога го славиме Меѓународниот ден на трудот, размислуваме за напредокот што ЕУ го постигна во текот на изминатата година во унапредувањето на правата и можностите на работниците во Европа, наведува еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит во пораката по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

- Европската година на вештини поттикна револуција во вештините, привлекувајќи го вниманието на креаторите на политики, компаниите и поединците кон важноста од континуирана обука за да се задоволат потребите на пазарот на трудот во ЕУ кој е во развој. Преку иницијативи. како Пактот за вештини, кој обезбеди обука за 3,5 милиони работници само во 2022-2023 година, градиме партнерства за инвестирање во работната сила за иднината. Како што Европската година на вештини официјално го се приближува до својот крај, мораме да го задржиме вниманието на вештините, наведува Шмит.

Еврокмесарот натаму се осврнува на новите правила на ЕУ со кои се отвора простор за подобрување на работните услови, заштита на работничките права, гарантирањето на социјалната заштита или можносите за стажирање на младите.

- Земјите членки бележат напредок во спроведувањето на Директивата за соодветни минимални плати, чиј краен рок за имплементација е ноември оваа година, наведува Шмит, потсетувајќи дека ЕК започна и косултација со социјалните партнери за регулирање на онлајн работењето, со цел да се обезбеди рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот и да се гарантира заштита на менталната и физичката благосостојба на работниците.

Шмит натаму во пораката потенцира дека клучна карактеристика на европската социјална пазарна економија е социјалниот дијалог, во чии рамки е ревидирана директивата на Европскиот совет за работа со што се зголемува улогата на работниците во процесот на консултации за значајни одлуки и е изработен Акциски за справување со недостигот на работна сила и стручно оспособени работници.

- Силна, флексибилна и конкурентна економија е можна само кога е придружена со силна социјална заштита и вклученост. Во текот на изминатите пет години, за време на мандатот на оваа Комисија, ние систематски ги вклучивме работничките права, правичноста и социјалната димензија во сите политики на ЕУ. Иако останува да се направи уште повеќе, можеме да бидеме горди на напредокот што го постигнавме. На сите Ви посакувам се најдобро на овој Ден на трудот, додава Шмит во пораката по повод 1 Мај. /МИА

притисни ентер