Пијанистичкиот двоец има настапувано во повеќе земји во Европа, а нивните концерти секогаш се проследени со возбуда и воодушевување од слушателите. Покрај редовните концертни настапи, ова дуо со години наназад учествува и на некои од најпрестижните натпревари во Европа, освојуваjќи голем број награди. Покрај изведувачката дејност, Олександра и Дмитро се јавуваат и како организатори и уметнички директори на Меѓународниот фестивал „Чејмбр мјузик сешн“ (Chamber Music Session). Неодамна го издадоа и својот прв компакт диск, со дела за четирирачно пијано од австрискиот композитор Франц Шуберт.

Олександра Зајцева како солист е добитник на голем број национални и интернационални награди на повеќе натпревари, меѓу кои - интернационалниот натпревар по пијано „Во сеќавање на А. Рубинштајн“ во Полска, интернационалниот натпревар по пијано „Антонин Дворжак“ во Чешка и др. Нејзината солистичка кариера опфаќа концерти и надвор од родната земја, а неретко може да се сретне и на програмите на некои од најзначајните фестивали во Европа. Моментално работи како професор по пијано на Националната музичка академија во Украина.

Дмитро Таванец додипломските и постдипломските студии ги завршил на Националната музичка академија во Украина. Освен како камерен музичар, како солист досега настапувал на голем број фестивали во Европа, а добитник е и на повеќе награди на национални и на меѓународни натпревари. Од 1999 година работи со Националниот ансамбл на солисти „Киев камерата“.

Концертот ќе се одржи на сцената во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот. 


коментари

остави коментар