Во општина Чашка-Велешко приведени две лица поради основи на сомнение за поткуп при избори

Две лица од село Мелница во општина Чашка, се приведени попладнево поради основи на сомнение за поткуп при избори, откако по направени претреси во нивните домови се пронајдени оружје, пари и списоци за гласање.

Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес попладнево во 15:20 часот го лишиле од слобода 52-годишниот И.И. од село Мелница, Општина Чашка.

Како што соопшти МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело „поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Застава" со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка. И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Исто така, денеска, во 17:00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода 50-годишниот А.Ч. од село Мелница, Oпштина Чашка, информира вечерва Билјана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.

Имено при претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело „поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Валтер" со една рамка, еден пиштол „Црвена застава", еден пиштол „Бул" со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986.670 денари во разни апоени и 2.325 евра во разни апоени.

А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, наведуваат од СВР Велес.

Претходно, вечерва, Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 3 објави статус на неговиот Фејсбук профил за обид за поткуп на гласачи од страна на активисти на ДУИ.

-Лудилото со поткуп од страна на ДУИ и СДС не застанува. Штотуку ме информираа дека кај активисти на ДУИ било пронајдено оружје, биле пронајдени пари и биле пронајдени списоци за гласање. Истите биле лишени од слобода, пишува Ковачки.

Тој ги повика граѓаните да излезат масовно на избори, а за активистите на ДУИ дека ќе одговараат за поткуп за што следува казна затвор.

Протест на британските плажи поради загадување на водата

Илјадници луѓе ширум Велика Британија се собраа вчера на плажите, реките и езерата за да побараат промени на нивоата на загаденост на водата во земјата.

Демонстрантите се собраа во областите за капење од Западниот Пјер во Брајтон до плажата Гилингвасе во Фалмут по извештаите дека милиони литри вода од канализација биле испумпани во Виндермер во областа Лејк за повеќе од 10 часа во февруари.

Ситуацијата од опозициските политичари беше окарактеризирана како „скандалозна“, додека Лондон рече дека ситуацијата е „целосно неприфатлива“ и дека Агенцијата за животна средина има овластување да покрене кривично гонење.

Испумпувањето се случило во пумпната станица на компанијата во Бонс-он-Виндермер, Камбрија, ноќта на 28 февруари, пишува „Индипендент“.

Пумпите за итни случаи испуштија повеќе од 10 милиони литри вода од канализација во местото на светското наследство на УНЕСКО, откако главните пумпи беа нагло прекинати поради дефект на телекомуникациите. /МИА

Брајтон објави за заминување на тренерот Де Зерби

 Прес-службата на премиерлигашот Брајтон објави дека Роберто Де Зерби ќе ја напушти функцијата главен тренер на клубот на крајот од сезоната 2023/24.

Раководството на Брајтон се договорило со 44-годишниот фудбалски стручњак за предвремен раскин на договорот кој е со важност до летото 2026 година.

Претходно беше објавено дека Баерн Минхен е заинтересиран да го покани италијанскиот тренер.

Де Зерби дојде во Брајтон во септември 2022 година. Под негово водство тимот освои 38 победи, 20 пати ремизираше и претрпе 30 порази.

Оваа сезона Брајтон е на 10. место во поредокот во Премиер лигата, со 48 бодови од 37 натпревари. /МИА

Традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ“ се одржа во Тетово

Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од тетовско Теарце вчера ја одржи традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ.

Годинава, сите учесници учествуваа на дефилето низ Теарце, а потоа концертот се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Покрај домаќините, со своите настапи учествуваа гости-играорци КУД „Чигра“ од Инџија и КУД „Симонида“ од Ранилуг, двете од Србија, потоа македонските КУД „Брвеница“ од Брвеница, Група Сербез при фолклорен ансамбл „Гоце Делчев“ од Битола.

-Овие млади играорци покажаа и докажаа дека се вистински амбасадори на македонскиот фолклор и култура. Благодарноста до нашите гости кои го збогатија вечерашниот коцнерт, истакна на концертот Гоце Симјановски, претседател на КУД „Кирил Пејчиновиќ“.

Домаќините од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ наспатапија со повеќе возрасни групи кои ги изведоа кореографиите „Драчевка“, Елено моме“,и „Малешевка“ и други ора и песни. /МИА

притисни ентер