На ДУИ им пречат изборните слогани и зголемената националистичка реторика која, како што тврдат, доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ. Министерот Бујар Османи на панел дискусија побара да се намали антиалбанската реторика која, како што вели, ја зголемува меѓуетничката нетрпеливост. Османи повтори дека нема влада без двојно мнозинство односно без Бадентер кој според него ќе го обезбедат ДУИ и Европскиот фронт. Најавите од Мицкоски и албанската опозиција „Вреди“ за постизборна коалиција, за Османи се легитимни, но порача дека и ќе треба да се комплетира и второто мнозинство, покрај тоа од 61 пратеник.
„ Слоганите бараме 61 пратеник за да ги исклучиме другите, или Македонија е повторно твоја, со идеја дека досега била на Албанците затоа што имаат премиер и министер за надворешни Албанец е недозволива. Колку и да е политички профитабилна. Колку и да носи гласови. Во една мултиетничка држава мора да биде табу изговарањето на такви слогани...Г-динот Мицкоски ВЛЕН може да ги повика на гости, во кафана, може да ги повика во рамки на коалицијата „Македонија повторно твоја“ и да ја подели власта со нив. Тоа е сосема дозволиво, тоа е нивна одлука. Но претставник на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, ќе бидат тие што ќе ја добијат нивната волја. И затоа Рамковниот договор го дава принципот на двојно мнозинство“, изјави Османи.
Идната влада ќе биде стабилна, но без ДУИ, му одговорија албанските опозиционери. Според Изет Меџити од „Вреди“ целта на „интегративците“ е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редовиој. Истакна дека по 8-ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците, а ДУИ, според Меџити, редно е да оди во опозиција.
„Ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко. Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки“, изјави Изет Меџити.
Инаку, партиите од албанскиот блок велат дека нема да подржат ниту еден од претседателските кандидати кои влегоа во вториот круг. И од Коалицијата ВРЕДИ и од Европскиот фронт предводен од ДУИ ги повикаа граѓаните да гласаат по сопствено убедување и порачаа дека тоа е екслузивно право на гласачите.