Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

Германскиот Управен суд прифати десничарската АфД да биде ставена под надзор

Сојузниот управен суд денеска пресуди дека Германската разузнавачка агенција има право да ја стави под надзор екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) поради потенцијален екстремизам и во исто време ја одби жалбата на таа партија

Судот во Минстер, во покраината Северна Рајна-Вестфалија, утврди дека има доволно правна основа за ваквото означување на АфД, нагласувајќи дека тој чекор не води неизбежно до тоа партијата да биде означена како докажан случај на десниот екстремизам.

Судот соопшти дека нема индикации дека разузнавачката агенција дејствувала со несоодветни политички мотиви.

Со таа пресуда во корист на разузнавачка агенција на Германија, судот ја потврди претходната одлука на понискиот суд од Келн од 2022 година.

АфД го отфрли таквото толкување и го оцени како политички обид за дискредитација на партијата. Членот на нејзиното национално раководство, Роман Реуш, рече дека партијата ќе поднесе жалба. /МИА

Продолжува потрагата по исчезнати по разорните поплави во Авганистан

Продолжуваат напорите за пребарување и спасување на исчезнатите лица по големите поплави што го погодија северен Авганистан во петокот, изјавија денеска претставници на локалните власти за ДПА.

Некои области првично беа тешко достапни поради уништените патишта.

Агенциите на ОН и авганистанското Министерство за бегалци соопштија дека загинале најмалку 315 луѓе. Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека речиси 9.000 домови биле уништени или оштетени.

Екстремните временски настани како поплави и суши се во пораст во Авганистан. Експертите за ова ја обвинуваат климатската криза.

По децении војни и конфликти, земјата е лошо подготвена да се справи со последиците од климатските промени.

Земјата сè уште закрепнува од повеќекратните земјотреси претходно оваа година и големите поплави во март. /МИА

Шпанецот Ираола останува тренер на Борнмут

Премиерлигашот Борнмут објави денеска дека го продолжи договорот со тренерот Андони Ираола до лето 2026 година.

Ираола седна на клупата на Борнмут тимот минатото лето. За тоа време, клубот под негово водство одигра 43 натпревари, запишувајќи 17 победи, девет нерешени и 17 порази.

На едно коло до крајот на премиерлигашката сезона, Борнмут е на 11. место.

Ираола е еден од стратези во Премиер лигата кои се во конкуренција за наградата најдобар тренер на сезоната./МИА

притисни ентер