„Македонија“, Северна Македонија и Преспа во фокусот на грчките медиуми

Ова е реалноста, бидејќи имаме Влада која е непријател на Договорот од Преспа, која се има закането дека ќе се обиде да го торпедира. 

На употребата на името „Македонија“, без одредницата „Северна“, на почитувањето на Договорот од Преспа, но и на ставот на Грција за конкретното прашање, акцентот го ставаат дел од грчките медиуми во анализите по завчерашните избори кај нас, по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ и промената на политичката сцена, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Та неа“ во текстот под наслов „Нивна обврска е строго почитување на Договорот од Преспа“ пишува дека „Атина со зголемен интерес и смиреност ја следи промената на политичката сцена во Скопје“, а грчки дипломатски извори рекле дека изборите се демократски процес „чиј резултат ќе се почитува каков и да е“, а во исто време подвлекле дека „прилично поткопувачките позиции во однос на Договорот од Преспа, кои беа јавно изразени во предизборниот период од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не останаа незабележани и во никој случај не ја задоволуваат Атина“.

-Обврска на Скопје е строго да го почитува Договорот од Преспа, забележуваат дипломатските кругови од Грција, посочувајќи дека Македонија несомнено е важна земја во поширокиот регион со која сакаме да имаме добрососедски односи и која ја поддржуваме во однос на нејзината европска перспектива, пишува „Та неа“.

Весникот пренесува и дипломатски извори од Скопје, „кои ја отфрлаат можноста ВМРО-ДПМНЕ да го стави во опасност почитувањето на она што е вклучено во текстот на Договорот од 2018 година меѓу Грција и С. Македонија“.

-Кој и да е на власт во земјата, Договорот од Преспа ќе се почитува целосно, оценуваат од Скопје, потенцирајќи дека воопшто не е случајно што во текстот на Договорот од Преспа нема клаузула шо споменува рок на траење. „Тоа значи дека Договорот од Преспа е потпишан и е тука за да остане“, забележуваат истите дипломатски извори, пишува „Та неа“.

Весникот „Катимерини“ ги пренесува следните чекори по изборите, осврнувајќи се на инаугурацијата на новата претседателка в недела, коментирајќи дека тогаш ќе се види дали односите со Атина „ќе продолжат да се движат во умерена клима или ќе започне нов период на превирања, со Скопје да отвори нов фронт со Грција во моментот кога раздорот со Бугарија ја загрозува европската перспектива на Македонија“.

-Со оглед на тоа што во С.Македонија, Уставот не предвидува зголемени овластувања на претседателот, во нормални околности неделната инаугурација немаше да биде ништо повеќе од формална и можеби досадна процедура. Но, сега интересно е пред Уставот на која земја Силјановска ќе положи заклетва: на Северна Македонија како уставно запишана со Договорот од Преспа или на непостоечка држава, „Република Македонија“, под кое самата чекореше кон високата функција и нејзината партија кон власт, иако со ниски тонови за време на предизборната кампања?, пишува грчкиот весник.

Исто како и „Та неа“ и „Катимерини“ пренесува грчки дипломатски извори кои неофицијално потенцирале дека новата власт во Скопје „има обврска строго да го почитува Договорот од Преспа кој е меѓународен договор, кој произведува обврски за соседната земја и е предуслов за развој на нејзиниот европски тек“.

Експертот и аналитичар за меѓународни прашања, професорот Константинос Филис, говорејќи за грчката телевизија Антена истакна дека односите меѓу двете земји „почнуваат од нула“.

-Ова е реалноста, бидејќи имаме Влада која е непријател на Договорот од Преспа, која се има закането дека ќе се обиде да го торпедира. Ова не е лесно. Зборуваме за меѓународен договор и ваквите договори се поништуваат само со согласност на двете држави. Грција би можела дури и да ја одведе С.Македонија пред меѓународниот суд во случај на неисполнување на обврските или заобиколување на делови од Договорот, истакна Филис.

Парламентарните и претседателските избори кај нас од вчера се една од главните теми во медиумите во Грција, кои пренесуваат ставови, изјави и анализираат каков би бил ставот на официјална Атина, додека пак како што вчера објави МИА, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите и министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервју за радио, излегоа со став за промената на политичката сцена.

Маринакис, на прашањето на дописничката на МИА од Атина, посочи дека чекаат прво да ги слушнат позициите на новата Влада во Скопје, а потоа ќе коментираат, додека пак Герапетритис говорејќи за „Скај“ изрази надеж дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да направи промени во надворешната политика, но и дека земјата ќе го продолжи својот европски пат.

Форд запали по 74 години на отпад (ВИДЕО)

Овој Ford Model T запали по 74 години. Може да биде и светски рекорд.

Автомобилот бил во очајна состојба бидејќи никој не го одржувал со години. Корозија го зафатила.

Екипажот во Jennings Motorsports го поправи и тој проработи.

Пред палењето ја снимиле целата процедура за поправка, која не била комплицирана. Сепак, на крајот од ова видео тие не можеле да го возат бидејќи автомобилот се уште имал бројни проблеми.


Бекам се пофали со ново хоби, фановите воодушевени: И кокошките ти се убави (ВИДЕО)

Дејвид Бекам се пофали со своето ново хоби на Инстаграм и ги насмеа обожавателите.

Поранешниот фудбалер поставил кокошарник на својот имот вреден 7 милиони евра, каде живее со сопругата Викторија.

„Добро утро“, напиша тој заедно со видеото на кое се шета низ градината со кокошки и петел што го следат, што ги насмеа фановите.

Видеото собра дури 3,1 милион лајкови и бројни коментари.

„Дури и твоите кокошки изгледаат добро“, напишал еден фан, а многу фанови се согласија.

Инаку, Дејвид и Викторија почнаа да се занимаваат со органско земјоделство за време на пандемијата, а освен кокошки имаат и овци и произведуваат мед.

Богатството на кралот Чарлс III е зголемено за 10 милиони фунти, но премиерот Сунак е побогат

Личното богатство на британскиот крал Чарлс Трети се зголемило за десет милиони и сега изнесува вкупно 610 милиони фунти.

Како што објави „Дејлимејл“, кралот Чарлс Трети сега е побогат од неговата мајка кралицата Елизабета Втора, чиј личен имот бил проценет на 370 милиони евра.

Кралот, кој ја презеде функцијата пред неполни две години, моментално се наоѓа на 258. место на листата на најбогати луѓе во Велика Британија. Минатата година Чарлс III беше на 263-то место на оваа листа. Британскиот монарх го зголемил своето богатство благодарение на растот на вредноста на недвижниот имот што го поседува, а претходно ѝ припаѓаше на кралицата Елизабета Втора.

Списокот на имоти на кралот Чарлс III ги вклучува само неговите лични имоти, а не и оние што ги поседува кралското семејство. Потсетуваме дека британската кралица Елизабета Втора почина на 8 септември 2022 година.

Таа на тронот помина 70 години и 214 дена. Таа е вториот монарх во светот со најдолго владеење во историјата по францускиот владетел Луј XIV, кој на тронот поминал 72 години и 110 дена.

Интересно е што кралот Чарлс не е најбогат меѓу јавните личности, односно оние кои се занимаваат со државни работи. Британскиот премиер Риши Сунак и неговата сопруга Акшата Мути заработија нови 120 милиони фунти во последната година. Вредноста на нивното богатство се проценува на 651 милион фунти.

притисни ентер