Драги сограѓани, навивачи и аполитични, кој ќе добие поголема доверба, а чија математика ќе биде „попрецизна“ за да направи влада, вечерва жешкиот икс е резервиран за една лева и една десна „Само Вистина“ со министерот за информатичко општество и кадар на СДСМ Дамјан Манчевски и неговата заменичка и кадар на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска.
Сигналите на ЕУ се чини им станаа јасни и на опозицијата и на власта, но дали и кој ги прекрши собраниските „правила“ на игра?
Правото или правдата ќе ни донесе нови инвестиции и повисоки плати?
Боки ја отвори „пандорината кутија“ за судот, Русковска ја „крие“ од јавноста, истрагата за „Рекет“ не се прошири, дали пред избори мачорот ќе го „фати“ глувчето или ќе го „пушти“ низ вода?
Одлуката на Венецијанската комисија како некој да ја стави на „пауза“, дали „предизборниот флерт“ ги засени реалните проблеми?
Имаат ли антикорупционерите навистина „полни“ раце работа или „одмерено“ му додаваат „масло“ на огнот?
За опозицијата владиниот марш е да се амнестираат криминалци, власта е на став дека обвинителството и судството мора да испорачуваат правда за сите.
Пратеничката Стаменковска го повика министерот Манчевски да не ги крие предизборните вработувања во јавниот сектор, за кои велеше дека ќе ги крати. Манчевски пак е на став дека таа не ги разбира податоците кои што ги добива од надлежните институции.
А дали вечерва ќе се „разберат“ меѓу себе и дали ќе ги разбере и јавноста, гледајте ги Невенка Стаменковска и Дамјан Манчевски, ексклузивно на Канал 5 Телевизија.