55 години од создавањето и развојот на дипломатската служба

Османи: Успеавме државата да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена

Денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод одбележување на 29 Април, Денот на Министерството за надворешни работи на прес конференција ги наброи клучните достигнувања на дипломатијата во последните четири години. На 55 години, или повеќе од половина век, од создавањето и развојот на дипломатската служба, Османи ја истакна цврстата заложба и непоколебливиот стремеж на дипломатите за максимален придонес кон изградбата на нашата држава како отворено, културно богато, развиено и плуралистичко општество. Воедно, потенцира дека вистински успех е етаблирањето на државата во меѓународнaтa сцена како модерна и стабилна земја, успешен модел на функционална мултиетничка демократија, членка во сите важни регионални и меѓународни организации, земја која ги почитува меѓународните принципи и правила и земја која помага на другите земји при потреба.

“Во изминатите четири години направивме многу, како во однос на исполнувањето на главните стратешки приоритети во надворешната политика, така и во однос на реализацијата на нови проекти и иницијативи и со гордост можам да заклучам дека и покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања, успеавме Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки“ истакна Османи.

Меѓу клучните достигнувања Османи ги издвои: почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и целосната стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ; Стратешкиот дијалог со САД; поддршката на Украина; заедничкото учество со сојузниците во мисиите предводени од НАТО долж Источното крило на Алијансата, во рамки на зајакнатото истурено присуство во Латвија, во Романија и во Бугарија.

“Направивме видливи промени во регионални рамки, наметнувајќи се како регионален лидер во промовирањето на добрососедската политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања и преку промовирање стабилност во регионот. Како посебна додадена вредност за промовирање на државата во меѓународната сцена и во регионот беше иницирањето и развивањето на платформите: Преспа форум за дијалог, кој во јуни 2024, ќе го доживее своето четврто издание, неформалната платформа за политичка соработка Иницијатива Б6 и Иницијатива 8 за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот 8” додаде Османи.

Османи ги изброи и следните успеси: членството во Црноморската економска соработка во 2020 г., во Меѓународната организација за сеќавање на холокаустот во 2021 и во Унијата за Медитеранот во 2022 г.; успешното претседавање со Фондот за Западен Балкан во 2021 г., со Медитеранските партнери на ОБСЕ во 2022 г., со ОБСЕ и со САД-Јадранската Повелба во 2023г. и актуелното претседавање со ПСЈИЕ кое ќе го завршиме во јуни оваа година, а во чии рамки како посебно значаен дел ќе биде одржано и четвртото издание на Преспа форумот за дијалог како и екипирањето на дипломатско конзуларните претставништва, унапредувањето на економската дипломатија, проектот МКарта, поставувањето базни и мобилни станици и СОС дежурната линија во ДКП-та.

Историјата на институција надлежна за надворешната политика започна на 29 април, пред точно 55 години, во Скопје, кога беа зачнати корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независноста во 1991 година, ова исто тело прерасна во Секретаријат за односи со странство, за три години подоцна, конечно да се трансформира во Министерство за надворешни работи.

Шестмина приведени поради тоа што и помагале на Русија да изврши напад во Доњецк

Шест лица се приведени под обвинение за превдавство дека и помагале на Русија да изврши напад врз станбена зграда во источниот регион Доњецк, соопшти денеска украинската служба за безбедност СБУ.

Руски проектили „Искандер“ го погодија градот Покровск на 7 август 2023 година, при што загинаа девет лица, а беа повредени десетици други во напад што оштети станбен блок.

„Контраразузнавањето на СБУ неутрализираше група руски воено разузнавачки агенти во регионот на Доњецк. Шест руски агенти се истовремено приведени“, соопшти СБУ.

Според СБУ, осомничените биле регрутирани од „руското воено разузнавање“ преку про-Кремљ Телеграм канали.

Групата подготвила и „координати за ракетни напади“ врз украинските бази во близина на градот Авдивка, кои паднаа во рацете на руските сили по тешките борби во февруари, соопшти СБУ.

Сите шестмина беа обвинети за велепредавство и сега „се соочуваат со доживотен затвор“, се вели во соопштението.

ФЛЕКС КРЕДИТ и СОС ДЕТСКО СЕЛО заедно за Денот на семејството

По повод светскиот ден на семејството компанијата Флекс Кредит уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и донираше хуманитарни пакети за згрижувачките семејства поддржани од СОС Детско село.

„Иницијативата за оваа акција потекна од самите вработени, на што сме особено горди, бидејќи вработени кои се лојални и кои ги живеат идеалите на организацијата, особено општествено одговорните практики, се клучни за успехот на истата. Светскиот ден на семејството е глобална прослава на врските и вредностите кои ги обединуваат семејствата од секаков вид и големина, а нашата компанија уште еднаш покажа дека е едно големо семејство кое ги цени вредностите и традицијата. Како повеќегодишен поддржувач на работата на СОС Детско село сакавме симболично да го одбележиме Денот на семејството преку донација со хуманитарни пакети на згрижувачки семејствата каде својот топол дом го пронашле многу дечиња без родителска грижа.“, изјави Јоана Спасовска, генералната директорка на Флекс Кредит.

Донацијата се состои од пакети со основни прехранбени и хигиенски производи за цело семејство и ги опфати сите згрижувачки семејства на територијата на Македонија кои се поддржани од СОС Детско село.

„Како организација која е пионер во промоција на семејниот модел на згрижување со гордост можеме да кажеме дека денес поддржуваме над осумдесет згрижувачки семејства. Многу деца без родителска грижа во овие згрижувачки семесјтва наоѓаат топол дом исполнет со љубов, радост и сите други благодети на семејната атмосфера. Но предизвиците на современиот ритам се чувствуваат секаде, па така и овде и затоа секоја помош во насока на поддршка на овие семејства е од особена важност. Им благодариме на нашите пријатели од Флекс Кредит кои покрај финансиската поддршка секогаш имаат слух и за друг тип на помош потребна за раст и развој на децата без родители и родителска грижа.“ – изјавија од СОС Детско село

Инаку светскиот ден на семејството се одбележува секоја година на 15 мај, почнувајќи од 1993 кога и официјално е прогласен од Генералното Собрание на ОН, а се со цел подигнување на свеста за предизвиците и можностите со кои се соочуваат семејствата како основна општествена клетка, во свет кој постојано се менува. Но овој ден е значаен бидејќи ги одбележува разновидноста и богатството на семејните култури и практики низ целиот свет, воедно инспирирајќи меѓусебна поддршка и градење на помирна, повклучителна и одржлива иднина.

Елшани: На северот на Косово 128 барања за замена на возачки дозволи

Елшани за Косово онлајн вели дека МВР одговорило на барањата на граѓаните за замена на возачките дозволи.

Директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека од 10 мај, кога Министерството за внатрешни работи на Косово одобри замена на возачките дозволи издадени од српските институции со возачки дозволи издадени од Косово, пристигнати се 128 барања.

Елшани за Косово онлајн вели дека МВР одговорило на барањата на граѓаните за замена на возачките дозволи и донело одлука барањата да се поднесуваат во следните три месеци, односно до 9 август.

Тој додаде дека ќе има поинаков процес за замена на личните карти и дека најверојатно ќе започне овој месец, пренесе Бета. /МИА

притисни ентер