Ангеловски: Ја следиме состојбата на фудбалерите, дел од нив се чувствуваат подобро

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски потврди дека осум фудбалери од утринските часови почнале да се жалат на стомачни мачнини.

За македонската репрезентација ова претставува дополнителен проблем пред утрешниот натпревар против Лихтенштајн од Лигата на нации, бидејќи поради вироза надвор од тренажен процес се Ѓоко Зајков, Аријан Адеми, Стефан Ристовски, Давид Митов Нилсон, Стефан Спировски, Мите Цикарски, Ферхан Хасани и Бобан Николов.

- Информација за вирусот е точна, а фудбалерите веднаш беа испратени на испитување. Станува збор за вирус. Нивната состојба се следи, а дел веќе се чувствуваат подобро и ќе видиме кој од нив ќе биде подготвен да помогне, истакна Ангеловски.

Селекторот на македонската репрезентација нагласи дека на натпреварот против Лихтенштајн ќе одат само на победа и нема да калкулираат.

- Фокусирани сме само на Лихтенштајн и нема да калкулираме со составот. Ги имаме сите потребни информации за противникот. Бевме со иста група со овој противник и претходно, но секој меч е различен. Лихтенштајн има поразличен тим отколку во квалификациите, одиграа добро на првите два меча, но играат колку што ќе им дозволи противникот. Се надевам дека моите момци нема да им дозволат да играат. Ќе го дадеме максимумот и ќе победиме, наведе Ангеловски.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер