Анкета: Една четвртина од младите се загрижувачки пречесто на социјалните медиуми

Анкета: Една четвртина од младите се загрижувачки пречесто на социјалните медиуми и не се слуша нивниот „политички глас“.

Мнозинството млади луѓе ги одбираат Инстаграм, Фејсбук и Јутуб како најинтересни за следење вести, а вестите за образование, наука и технологија им се најпривлечни. Иако веруваат дека само некои од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а речиси една четвртина се загрижувачки пречесто на социјалните мрежи, за младите активното пребарување и реагирање на информациите не е вообичаено. Се сметаат за способни да препознаат дезинформации во медиумите, но повеќе од половината можеби споделиле дезинформации без да знаат. Според младите, политиката и политичките партии се извор на најмногу неточни или погрешни информации. Додека нивните политичките ставови за општествените случувања во државата се нечујни.

Ова го покажува анкетата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе, нивната способност да ги препознаваат дезинформациите во медиумите и како се граѓански и политички ангажирани.

Младите почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест. Во однос на темите, кај младите постои помал интерес за политичките случувања во државата, економијата и социјалната правда, а забележале неточни или погрешни информации за политика, познати личности и за криминал и корупција.

Кај младите луѓе се забележува критичен однос кон вистинитоста на споделените информации, но и мала насоченост кон идентификување на емоционалниот тон на веста, на што треба да се посвети повеќе внимание при едукациите за медиумска писменост. Тие за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако над половина (51 %) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Само 13,4 % сметаат дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а 34,3 % пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Речиси 2/3 од младите испитаници сметаат дека главни креатори на дезинформациите се политичките партии.

Кај испитаните млади луѓе се забележува изразена заинтересираност за јавните работи. Во однос на нивниот граѓански ангажман, над половина (53 %) од испитаниците биле вклучени во некаков вид волонтерска активност за решавање на локалните проблеми. Во поглед на изборниот ангажман, 39,8 % испитаници се изјаснија дека редовно гласаат, а понекогаш гласаат 16,7 %. Но, кога беа прашани за нивниот „политички глас“, најчест одговор на младите испитаници е „Не сум го направил/а тоа“ за серија понудени активности што претставуваат манифестација на политички ставови во однос на определени општествени случувања, како што се: акции за собирање средства во добротворни цели, учество во протест, средба со некој политичар функционер, потпишување писмена петиција, бојкотирање компанија поради нејзините општествени вредности и сл.

Во однос на употребата на социјалните медиуми, 5 % од испитаниците спаѓаат во критичната група на висока зависност од социјални медиуми, но забележителен е и процентот на испитаниците (19 %) што се блиску до критичниот резултат за дијагностицирање на ваквата зависност. Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.

Анкетниот прашалник е спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени). Истражувањето е дел од проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Американка живее во постојан страв од алигатори- буквално ја следат на секој чекор (ВИДЕО)

Кејти и нејзиниот сопруг живеат во изолација, опкружени со вода од сите страни, а друштво им прават чивава, птици и еден куп алигатори.

Таа е многу активна на социјалните мрежи каде открива детали од нејзиното секојдневие. Луѓето беа во неверување кога покажа како го фрла ѓубрето.

Кога е време да се фрли ѓубрето, Кејти прави посебни подготовки, бидејќи во реката Сатила во Џорџија демнат многу опасности.

Облекува специјални (водоотпорни) панталони, ги става кесите во кајакот и започнува ризична авантура.

Кејти се грижи да се движи низ матната вода, посветувајќи особено внимание на алигаторите кои демнат на сите страни. Кога ќе стигне до копното, се качува во мал теренец и вози до најблискиот контејнер.

„Денес портата беше заклучена, што е уште една пречка“, рече таа.

@southernadventurehunter Taking out the trash is a major event! ##trash #chores #dailylife #river #flooded #chorelist #satilla #kayak #4wheeler #thingstodo #gatorwaders #tuesday #tuesdayvibes #backwoods #getoutside #mosquitoes #southern #southeast #georgia #dirtroads #gators #snakes #stayhome ♬ original sound - Kayak Katie

И покрај изолацијата и секојдневните искушенија, Кејти ја наоѓа убавината во неверојатниот мир, пишува New York Post.

„Ваквите предизвици не се ништо во споредба со мојата психичка и физичка состојба. Бубачки, алигатори, змии... ништо не е важно кога имате ваков спокој и прекрасен живот“, додаде таа.

@southernadventurehunter Its come up so much since this morning! #movingwater #flooded #kayak #boat #highwater #daily #dailycommute #commute #groceryshopping #groceries #backroads #storm #rain #satillariver #riverlife #spring #springshowers #darkwater #fyp #gators #snakes #spiders #foryou #viral ♬ original sound - Kayak Katie

Кејти рекла дека куќата ја купила откако нејзините деца пораснале и почнале да живеат самостојно.

И на Јапонците им пречат туристи- ставија мрежа за да го спречат погледот на планината Фуџи

Властите во јапонскиот град Фуџикавагучико, во подножјето на планината Фуџи, поставуваат црна мрежа како екран на дел од тротоарот за да го блокираат погледот на планината и поради лошото однесување на странските туристи.

До средината на мај ќе биде завршена, мрежата ќе биде висока 2,5 метри и долга 20 метри и речиси целосно ќе ги блокира погледите на планината Фуџи, една од главните туристички атракции во Јапонија, соопштија официјални лица.

Откако беа укинати ограничувањата наметнати за време на пандемијата „Ковид-19“, странските туристи сочинуваат 80 отсто од посетителите во овој регион, делумно поради слабеењето на јенот, пренесува АП.

Локалните жители негодуваат кога посетителите го блокираат тесниот тротоар, фотографираат и зафаќаат премногу простор или навлегуваат во имотите во околните села.

Градот испробал други методи, вклучително и знаци кои ги повикуваат посетителите да не излегуваат на патот и да го користат назначениот пешачки премин на англиски, кинески, тајландски и корејски, како и ангажирање чувари.

Иако зголемувањето на туризмот ѝ помогна на индустријата, освен во Фуџикавагучико, жителите се пожалија на туристите и во Камакура и во Кјото, каде познатиот кварт на гејши неодамна одлучи да затвори некои улици за посетителите.

Европската Комисија отвори постапка против Инстаграм и Фејсбук во врска со изборите

Европската комисија денеска соопшти дека отворила формална постапка во врска со сомнежот дека компанијата Мета, сопственик на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, го прекршила Европскиот закон за дигитални услуги (ДСА) .

Европската комисија денеска соопшти дека отворила формална постапка во врска со сомнежот дека компанијата Мета, сопственик на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, го прекршила Европскиот закон за дигитални услуги (ДСА) со тоа што не ги контролирала дезинформациите и ги намалила ризиците поврзани со влијанието на овие мрежи врз „граѓанскиот дискурс и изборните процеси“.

„ЕК создаде средства за одбрана на европските граѓани од дезинформации и манипулации од трети земји. Ако се сомневаме дека се прекршуваат правилата, ние дејствуваме“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека овие правила се особено важни за време на демократски избори.

„Одбраната на нашите демократии е заедничка борба на земјите-членки на ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

ЕК во соопштението наведе дека се сомнева дека Мета не ги почитува своите обврски во врска со погрешните реклами, кампањите за дезинформација и „координирано неавтентично однесување“, како и дека ширењето на таква содржина може да претставува ризик за „граѓанскиот дискурс, изборните процеси, основни права и заштита на потрошувачите“.

Предмет на истрагата ќе биде алгоритмот на Мета, кој на своите корисници им препорачува политичка содржина, како и недостапни алатки со кои Мета, со помош на трето лице, би извршил „ефективен мониторинг на граѓанскиот дискурс и изборите“.

Мета веќе има таква алатка „CrowdTangle“, која им овозможува на истражувачите, новинарите и граѓанското општество да ги следат изборите, но почна постепено да ја исклучува, што е спротивно на насоките на ЕК за големите интернет платформи, односно оние со повеќе од 45 милиони месечни корисници, а во соопштението се забележува дека во предизборието ваквите алатки треба да се зајакнат.

Се додава дека постои сомневање дека механизмот на Мета кој им овозможува на корисниците на Фејсбук и Инстаграм да пријавуваат нелегална содржина не е во согласност со DSA и дека компанијата нема ефикасен систем за проверка на жалбите на корисниците во врска со одлуките на платформите за уредување на содржината..

ЕК наведе дека бара Мета во рок од пет работни дена да одговори што ќе преземе во однос на барањето за целосна соработка и обезбедувањето „сите потребни информации“ потребни за спроведување на проценката, по што ќе следи истрага, која може да опфати барање дополнителни информации, спроведување интервјуа и инспекции.

притисни ентер