Анкета: Ниска доверба на Американците во медиумското покривање на изборите

Иако многу Американци велат дека добиваат информации за годинашната кампања за претседателските избори од најголемите, национални медиуми, анкетата покажува дека повеќето испитаници се сомневаат во нивното известување, пренесе Бета.

Дури 53 отсто од анкетираните велат дека се крајно или многу загрижени дека медиумите ќе пренесат неточности или дезинформации пред и за време на изборите. Околу 42 отсто рекле дека се загрижени затоа што мислат дека вестите ќе користат „генеративна вештачка интелигенција“ за пишување извештаи.

Четириесет и седум отсто од Американците рекле дека се длабоко загрижени затоа што веруваат дека вестите ќе објават информации што не се потврдени или проверени, а 44 отсто се загрижени дека точните информации ќе бидат претставени на пристрасен начин - на начин што оди во прилог на едната или на другата голема партија.

Половина од испитаниците рекле дека секогаш или често добиваат вести за изборите од поголемите медиуми, а тоа е повеќе кај постарите испитаници.

-Нивото на покриеност на вестите е добро“, рече Мајкл Болден, извршен директор на Американскиот институт за печат што го спроведе истражувањето, но „загриженоста е што тие не се сигурни дека навистина можат да им веруваат на информациите“.

Делумна причина, според него, се долгогодишните сомнежи за новинарите, „од кои голем дел беа подметнати од политичарите“. Луѓето исто така се слабо свесни за тоа како функционира новинарството.

Анкетата покажа дека околу половина од испитаниците рекле дека имаат барем умерена доверба во информациите и на најголемите и на локалните медиуми за претстојните избори годинава, а само околу десет отсто се изјасниле дека имаат целосна доверба во нив.

Околу 60 отсто од приврзаниците на владејачката Демократска партија велат дека најмалку се потпираат на најголемите национални медиуми за вестите за изборите. Над 48 отсто од приврзаниците на опозициските републиканци и 34 отсто од приврзаниците на независните кандидати го велат тоа, покажа истражувањето.

Покрај неточностите, многумина изразија голема загриженост за изборните вести кои премногу се фокусираат на поделби или спорови, или на тоа кој би можел да победи или изгуби - слично како покривањето на коњските трки - додека помалку зборуваат за важни прашања или карактерот на кандидатите.

Така, повеќето Американци велат дека сакаат националните и локалните вести да ги истакнат вредностите на кандидатите или нивните различни позиции за клучните општествени прашања, за тие, како гласачи, да бидат соодветно информирани и врз основа на тоа да одлучат кого да поддржат. /МИА

Инфантино најави голема промена во користењето на ВАР системот

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја објави големата вест во врска со употребата на ВАР на конгресот на светската фудбалска федерација во Бангкок. 

Тој изјави дека сега тренерите ќе имаат право да бараат проверка со ВАР системот два пати по натпревар.

-Ќе го развиваме и подобруваме ВАР. Овој систем го користат 65 национални асоцијации, но сега ќе го подобриме. Создадовме поосновна технологија со помалку камери и без судии да одлучуваат, така што е достапен за сите и полесен за имплементација Овој систем веќе се тестира, започна Инфантино.

Тоа ќе функционира така што тренерот на секој тим има право да бара помош од ВАР двапати по натпревар. Ако првобитната одлука на судијата се смени по таквата барана ревизија, тимот што бара преглед сè уште има право на два прегледи.

-Доколку по ваквата барана проверка, ВАР ја потврди одлуката на судијата на теренот, тогаш тимот што го побарал го губи правото на проверка на негово барање, изјави Инфантино. /МИА

Тухел: Не се договоривме со Баерн, ова е мојата последна прес-конференција овде

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел денеска и официјално соопшти дека нема да остане на кормилото на баварците.

Во последните неколку дена имаше информации дека тој би можел да продолжи да го води тимот, иако веќе во февруари клубот објави дека двете страни ќе се разделат на крајот од сезоната.

„Ова е мојата последна прес-конференција на Зебенер Штрасе (клупската база на Баерн). Водевме разговори, но не постигнавме договор, така што одлуката од февруари останува на сила. Очигледно е тешко. Резултатите како оние во Лигата на шампионите против Лацио, Арсенал и Реал Мадрид не сплотуваат. Повратните информации од последните недели беа основа за да имаме дискусија. Но, не можевме да постигнеме договор. Причините нема да ги именувам. Договорот од февруари останува на сила, објасни Тухел

Бербок: На Украина и е потребно оружје со долг дострел

На Украина и треба повеќе оружје со долг дострел за да се бори против руското напредување во регионот Харков, каде ситуацијата на бојното поле е „многу драматична“, изјави денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Советот на Европа во Стразбур, таа потенцира дека е важно да се прекинат руските патишта за снабдување и да ѝ се даде на Украина оружје „што може да се користи на средни и долги растојанија“.

Таа наведе дека Берлин соработува со своите партнери по ова прашање и дека ситуацијата на фронтот е „исклучително тешка“.

притисни ентер