Кавадарци имаше рекордна година на основни приходи, проектирана поголема комунална изградба

Кавадарци имаше рекордна година на основни приходи. Имавме остварени приходи од повеќе од 260 милиони денари. 

Во 2017 година имало 170 милиони, а и во претходниот период бројките биле тука некаде. Тоа ни дава за право да имаме малку поголема комоција да проектираме малку поголема комунална изградба, изјави градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

Посочи дека околу седумдесет милиони денари чини двегодишната инвестиција во градскиот пазар.

– Ќе стартуваме годинава, а за периодот додека се гради, ќе имаме заменски пазар, кој подоцна ќе прерасне во втора пазарска локација во градот. Веќе е одобрен тендерот за доуредување на кејот на реката Луда Мара во селото Ваташа, инвестиција од дваесет милиони денари. Комплексот „Лалуна" планираме преку јавно приватно партнерство да биде исто така реализиран. Физибилити студијата се изработува и би требало да заврши за околу шест месеци. Се прави студија и за инвестирање кај спортската сала „Јасмин", информираше Јанчев.

Најави интензивно ново асфалтирање на улици, и дека Кавадарци ќе добие нов лик.

– Јавното претпријатие „Комуналец" ни е во многу добра кондиција, изминатата година таму беше обезбедена и нова опрема. Комуналци сега, за разлика од минатото, не користат услуги од трети лица. Таквите услуги ги извршуваат самите, а тоа е голем бенефит, бидејќи целокупната заработувачка си останува во јавното претпријатие, соопшти Јанчев.

Градоначалникот најави уредување на градските гробишта, обезбедување бесплатен паркинг во близина и електрично возило кое ќе им помага на старите и изнемоштените, од паркингот да стигнат до одредени гробни места кои сакаат да ги посетат.

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста и досегот.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера го надгледуваше пробното истрелувањето ракети од 240 милиметри од повеќецевни лансири, произведени од новоформираната фабрика на воената индустрија, објави денеска агенцијата КЦНА.

Севернокорејската агенција не даде повеќе детали за фабриката. Се верува дека Северна Кореја го зголемува производството на артилерија, а САД и Јужна Кореја ја обвинуваат дека ја снабдува Русија со оружје.

Пробното истрелување покажа дека ракетите ги исполнуваат потребните стандарди за точност и досег, соопшти КЦНА.

Ким изјави, пренесе КЦНА, дека повеќецевниот ракетен систем, што вклучува нова технологија, „ќе донесе стратешка промена во зајакнувањето на артилериските способности на војската“.

Одреден притвор за украинскиот министер за земјоделство Микола Солски

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште .

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година.

Солски поднесе оставка во четвртокот, но технички останува на функцијата додека парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски беше на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат на сослушувањето во четвртокот рекоа дека тој нема корист од таквата шема.

Солски по ова обвинение може да се соочи со затворска казна до 12 години.

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

По балканската премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите што на сцената на македонските филхармоничари неодамна ја изведоа со Камерниот оркестар АЈГА и диригентката Ана Спасовска, исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов, синоќа (25 април) ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, софиската филхармонија.

Како што соопштува „КултурОп“, квинтетот МАКЕДОНИСИМО настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар. Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова која им се приклучи на музичарите на сцена.

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

И додека следната квинтет-изведба на МАКЕДОНИСИМО е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.

притисни ентер