Повеќе од третина од учениците во второ одделение со зголемена телесна тежина или дебелина

Повеќе од третина од децата на возраст од шест до осум години кои одат во второ одделение во државава имаат зголемена телесна тежина или дебелина.

Од нив поголемиот број живеат надвор од Скопскиот регион. Сепак, во изминатите неколку години е регистрирана стагнација на бројот на деца со зголемена телесна тежина или дебелина во државава. Докторите препорачуваат дека здравиот начин на исхрана и физичката активност од еден час дневно се клучни децата да имаат нормална телесна тежина.

Доктор Игор Спироски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за МИА изјави дека, според нивните податоци, во 2016 година 36,1 отсто од сите деца од второ одделение (на возраст од шест до осум години) имале зголемена телесна тежина или дебелина, во 2017 година – 37,4 отсто, а во 2018 година – 36,9 отсто. Во 2016 година 17,9 отсто од децата на таа возраст биле дебели, во 2017 година – 16,9 отсто, а во 2018 година – 18,6 отсто.

Според податоците на Европската иницијатива на СЗО за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, државава го зазема 10-тото место.

Тој посочи дека ИЈЗ континуирано го мери бројот или стручно кажано преваленцата на децата со зголемена тежина телесна и дебелина и тоа на различни возрасни групи, а таа што ја сметаат за најрелевантна е возрасната група од седум години или од второ одделение деца, бидејќи со неа учествуваат во иницијативата за следење на дебелината кај децата на СЗО, која се прави секои три години.

– Податоците од последните три круга, значи од последните девет години покажуваат дека преваленцата на деца кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели е во стагнација, што значи не опаѓа и не расте. Не треба да бидеме задоволни со тоа, бидејќи кога ќе споредиме каде сме со другите држави во Европа што учествуваат во иницијативата, а тоа е и идејата на иницијативата да бидат споредливи податоците, ќе видиме дека сме во горниот дел на табелата, што ги рангира земјите од Европа кои имаат таков проблем кај оваа популација, рече д-р Спироски.

Според податоците од ИЈЗ, појасни тој, во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто.

Во 2016 година 39,4 отсто од машките деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 41,1 отсто, во 2018 година – 40,8 отсто. Во 2016 година 20,5 отсто од машките деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 20,2 отсто, а во 2018 – 22,2 отсто. Значи, кај машките деца има мало зголемување, а кај женските мало намалување на процентот.

– Поентата е дека има стагнација, но пак ќе речам, ние не треба да бидеме со тоа задоволни. Причините за зголемена телесна тежина и дебелина кај децата се начинот на живот, немањето доволно физичка активност, начинот на исхрана… Добро ги знаеме придобивките од здравиот начин на исхрана и од редовната физичка активност, вели д-р Спироски.

Тој им препорачува на родителите да ги советуваат своите деца согласно препораките за здрава исхрана.

– Физичката активност исто така треба да се комбинира со исхраната. Децата минимум еден час во текот на денот треба да бидат физички активни, од средно до високо ниво на физичка активност, а возрасните до 30 минути да бидат активни пет дена во неделата. Тоа се генералните препораки, додаде д-р Спироски.

Според податоците од СЗО, на глобално ниво во 2016 година бројот на деца со прекумерна тежина под пет години се проценува на над 41 милион. Речиси половина од децата со прекумерна тежина до пет години живееле во Азија, а една четвртина во Африка.

– Децата со прекумерна телесна тежина и дебелина најверојатно ќе останат дебели во зрелоста и со поголема веројатност ќе развијат незаразни болести, како што се дијабетес и кардиоваскуларни заболувања на помлада возраст. Прекумерната телесна тежина и дебелината, како и нивните сродни заболувања, во голема мера може да се спречат, стои во извештајот на СЗО.

Се проценува дека во светот има повеќе од 150 милиони деца со прекумерна телесна тежина и доколку не се преземат неопходните мерки на претпазливост, бројот ќе се зголеми на 250 милиони до 2030 година.

Според препораките на СЗО, здравиот начин на исхрана вклучува ограничување на внесот на енергија од вкупните масти и шеќери, зголемување на потрошувачката на овошје и зеленчук, како и мешунки, интегрални житарки и ореви и редовна физичка активност (60 минути на ден за деца и 150 минути распоредени во текот на неделата за возрасни)./МИА.

Уапсениот украински министер е пуштен на слобода со кауција

Украинскиот министер за земјоделство, Микола Солски, кој претходно денеска беше приведен под обвинение за вмешаност во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари, е ослободен со кауција.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година.

Министерот вчера поднесе оставка, но технички останува на функцијата додека парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски е на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат вчера на сослушувањето рекоа дека тој немал корист од таквата шема.

По ова обвинение тој може да се соочи со затворска казна до 12 години.

Тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Тимчо Муцунски се сретна со поранешни амбасадори

Денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски и меѓународниот секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тодор Конески се сретнавме со поранешните амбасадори и конзули .

Денеска заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски и меѓународниот секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тодор Конески се сретнавме со поранешните амбасадори и конзули Н.Е. Василка Треневска, Томи Димитровски, Веле Трпевски, Оливер Шамбевски и Драган Ѓурковски.

Во разговорот им ја претставивме нашата визија преточена во #платформа1198 и побаравме поддршка за следните активности на полето на дипломатијата и меѓународните односи.

Помеѓу другото се заложивме дека клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Исто така, заклучивме дека нашите надворешно-политички приоритети треба да се засноваат врз принципите на рамноправност, заемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет.

Нашиот интерес е да градиме национално единство по клучните прашања , објави на ФБ Иванка Василевска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Трагедија во САД: 28- годишна НФЛ ѕвезда е пронајден мртов

Поранешниот НФЛ играч Кори Канингем (28) вчера е пронајден мртов во неговиот дом во Клифтон, Њу Џерси, објавија американските медиуми.

Според извештајот на „РЛС Медиа“, се работи за самоубиство, откако неговата кариера во последно време беше во голем пад.

Во последните неколку месеци тој се обиде да се пробие во светот на претприемништвото и беше регистриран како агент на локална логистичка компанија во Њу Џерси.

Канингам присуствуваше на колеџот Синсинати и играше за Аризона Кардиналс, Њу Ингланд Патриотс и Њујорк Џајантс за време на неговата кариера во НФЛ. Неговиот последен ангажман беше во Далас Каубојс, каде членуваше само како тренер, а доби отказ во јануари минатата година. Тој беше член на тренинг кампот на Џиновите претходното лето.

Поранешниот клуб, Њујорк Џајантс се прости од него.

- Тажни сме поради веста за смртта на Кори Канингем. Тој беше клучен дел од духот и заедништвото во соблекувалната. Нашите мисли се со семејството на Кори, пријателите и соиграчите - се вели во соопштението на клубот.

притисни ентер