Повеќе од третина од учениците во второ одделение со зголемена телесна тежина или дебелина

Повеќе од третина од децата на возраст од шест до осум години кои одат во второ одделение во државава имаат зголемена телесна тежина или дебелина.

Од нив поголемиот број живеат надвор од Скопскиот регион. Сепак, во изминатите неколку години е регистрирана стагнација на бројот на деца со зголемена телесна тежина или дебелина во државава. Докторите препорачуваат дека здравиот начин на исхрана и физичката активност од еден час дневно се клучни децата да имаат нормална телесна тежина.

Доктор Игор Спироски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за МИА изјави дека, според нивните податоци, во 2016 година 36,1 отсто од сите деца од второ одделение (на возраст од шест до осум години) имале зголемена телесна тежина или дебелина, во 2017 година – 37,4 отсто, а во 2018 година – 36,9 отсто. Во 2016 година 17,9 отсто од децата на таа возраст биле дебели, во 2017 година – 16,9 отсто, а во 2018 година – 18,6 отсто.

Според податоците на Европската иницијатива на СЗО за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, државава го зазема 10-тото место.

Тој посочи дека ИЈЗ континуирано го мери бројот или стручно кажано преваленцата на децата со зголемена тежина телесна и дебелина и тоа на различни возрасни групи, а таа што ја сметаат за најрелевантна е возрасната група од седум години или од второ одделение деца, бидејќи со неа учествуваат во иницијативата за следење на дебелината кај децата на СЗО, која се прави секои три години.

– Податоците од последните три круга, значи од последните девет години покажуваат дека преваленцата на деца кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели е во стагнација, што значи не опаѓа и не расте. Не треба да бидеме задоволни со тоа, бидејќи кога ќе споредиме каде сме со другите држави во Европа што учествуваат во иницијативата, а тоа е и идејата на иницијативата да бидат споредливи податоците, ќе видиме дека сме во горниот дел на табелата, што ги рангира земјите од Европа кои имаат таков проблем кај оваа популација, рече д-р Спироски.

Според податоците од ИЈЗ, појасни тој, во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто.

Во 2016 година 39,4 отсто од машките деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 41,1 отсто, во 2018 година – 40,8 отсто. Во 2016 година 20,5 отсто од машките деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 20,2 отсто, а во 2018 – 22,2 отсто. Значи, кај машките деца има мало зголемување, а кај женските мало намалување на процентот.

– Поентата е дека има стагнација, но пак ќе речам, ние не треба да бидеме со тоа задоволни. Причините за зголемена телесна тежина и дебелина кај децата се начинот на живот, немањето доволно физичка активност, начинот на исхрана… Добро ги знаеме придобивките од здравиот начин на исхрана и од редовната физичка активност, вели д-р Спироски.

Тој им препорачува на родителите да ги советуваат своите деца согласно препораките за здрава исхрана.

– Физичката активност исто така треба да се комбинира со исхраната. Децата минимум еден час во текот на денот треба да бидат физички активни, од средно до високо ниво на физичка активност, а возрасните до 30 минути да бидат активни пет дена во неделата. Тоа се генералните препораки, додаде д-р Спироски.

Според податоците од СЗО, на глобално ниво во 2016 година бројот на деца со прекумерна тежина под пет години се проценува на над 41 милион. Речиси половина од децата со прекумерна тежина до пет години живееле во Азија, а една четвртина во Африка.

– Децата со прекумерна телесна тежина и дебелина најверојатно ќе останат дебели во зрелоста и со поголема веројатност ќе развијат незаразни болести, како што се дијабетес и кардиоваскуларни заболувања на помлада возраст. Прекумерната телесна тежина и дебелината, како и нивните сродни заболувања, во голема мера може да се спречат, стои во извештајот на СЗО.

Се проценува дека во светот има повеќе од 150 милиони деца со прекумерна телесна тежина и доколку не се преземат неопходните мерки на претпазливост, бројот ќе се зголеми на 250 милиони до 2030 година.

Според препораките на СЗО, здравиот начин на исхрана вклучува ограничување на внесот на енергија од вкупните масти и шеќери, зголемување на потрошувачката на овошје и зеленчук, како и мешунки, интегрални житарки и ореви и редовна физичка активност (60 минути на ден за деца и 150 минути распоредени во текот на неделата за возрасни)./МИА.

Април годинава потопол од просечните многугодишни вредности

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Македонија, месец април годинава се карактеризира како многу топол и нормално врнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.

Средномесечната температура изнесувала од 7,9°С во Лазарополе до 16,6°С во Гевгелија. Споредено со просечните априлски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната била 2,5 °С над просекот на ниво на држава.

- Највисоката максимална температура беше измерена на 14 април во Гевгелија и изнесуваше 30,7 °С. На територијата на државата во текот на месецот, од 5 до 16 ти беше забележен продор на топлотен бран. Забележена е појава на слаб мраз на повисоките места од 18-ти до 22-ри во месецот. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Лазарополе, на 20 април и изнесуваше -3,1 °С, велат од УХМР.

Во месец април минатата година, месечната сума на врнежи во државата изнесувала од 26 mm во Демир Капија до 80 mm во Маврово.

-Врнежите беа од дожд и снег. Максимално дневно количество на врнежи од дожд 26 mm беше регистрирано во Берово на 18-ти, додека максимална снежна покривка од 9 cm беше измерена во Попова Шапка на 21-ви во месецот, нагласуваат од УХМР.

Споредено со априлската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), додаваат од Управата, измерената месечна сума на врнежи била околу просекот, на ниво на држава. /МИА

Извршена ларвицидна дезинсекција на територија на општина Илинден

Во согласност со елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и искоренување на вектор преносливи заболувања, во овој период се врши ларвицидна дезинсекција на водни површини за уништување ларви од комарци. 

Во согласност со програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2024 година, општина Илинден во координација со екипите на ДТУ ТОКСИ ВЕТ– Скопје, реализира прскање против ларви од комарци на целата територија на општината.

Во согласност со елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и искоренување на вектор преносливи заболувања, во овој период се врши ларвицидна дезинсекција на водни површини за уништување ларви од комарци. Со третирањето се опфатени сите водни површини на отворените одводни канали (главни, секундарни и терцијални), речното корито на Сува Река и вештачката акумулација во Бучинци, на вкупна површина од 50 хектари.

Дезинсекција се врши со еколошко средство, кое е безопасно по здравјето на луѓето, одобрено и пуштено во промет од Бирото за лекови.

Општина Илинден

Членките на ЕУ не би требало да присуствуваат на инаугурацијата на Путин, порача Борел

Според последните информации, присуство на нивни претставници на инаугуративната церемонија од членките на ЕУ најавија Словачка, Унгарија и Франција.

Моето лично мислење е сосема јасно дека земјите членки не треба да присуствуваат на инаугуративната церемонија за новиот мандат на рускиот претседател Владимир Путин во Москва, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на денешното во Брисел на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка.

- По многубројните дискусии со претставниците на земјите членки, на сите нив им порачав дека според мое мислење не треба да се присуствува на таа инаугурација и мислам дека мнозинството од земјите членки нема да присуствуваат, изјави Борел.

Тој додаде дека неприсуството на церемонијата го смета за правилна одлука, бидејќи како што рече, на крајот Путин е некој против кого има покренато обвинение од страна на Меѓународниот кривичен суд.

- Би било и контрадикторно да се присуствува на церемонијата, ако претходно оценивме дека претседателските избори не беа фер и слободно. Затоа мој совет до земјите членки е да не присуствуваат, нагласи Борел, додавајќи дека сепак на крајот суверена одлука на секоја држава е дали ќе присуствува на церемонијата.

Според последните информации, присуство на нивни претставници на инаугуративната церемонија од членките на ЕУ најавија Словачка, Унгарија и Франција. /МИА

притисни ентер