Австралискиот превозник Квантас продавал билети на откажани летови- 100 милиони долари казна

Qantas постигнал договор со австралиската влада за надзор на потрошувачите да плати повеќе од 60 милиони долари казни за продажба на билети на откажани летови.

Превозникот, исто така, се обврзал на дополнителна компензација за патниците на кои им продавале билети за „непостоечки“ летови.

Qantas и Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи (ACCC) спогодбено ги решија судските постапки кои се во тек од август минатата година. ACCC започнале правна битка против Qantas за рекламирање и продажба на билети за летови откажани од авиокомпанијата.

Комисијата тврди дека Qantas продал билети за повеќе од 8.000 летови помеѓу мај и јули 2022 година, во просек две недели, а во некои случаи и 47 дена по нивното откажување, пренесува Aero Time.

Најголемата австралиска авиокомпанија во октомври минатата година соопшти дека биле направени одредени грешки, но дека ACCC „ја игнорира реалноста на авиоиндустријата“. Авиокомпанијата ги отфрли тврдењата дека продавала билети за т.н. непостоечки летови.

По неколку месеци расправија, двете страни конечно постигнаа пријателско решение. Qantas вчера објави дека се согласиле да платат 100 милиони австралиски долари или 66 милиони американски долари казна.

Превозникот ќе им исплати и надомест на патниците во износ од 225 до 450 австралиски долари (150 до 300 американски долари) покрај парите што веќе им ги вратиле за откажаните летови. Во соопштението на Qantas се вели дека компензација во вкупна вредност од 13 милиони долари ќе биде исплатена на повеќе од 86.000 патници.

Извршниот директор на Qantas Group, Ванеса Хадсон, им се извинила на патниците чие „известување за откажување на летот не пристигнало навреме“, признавајќи дека авиокомпанијата не обезбедила соодветна поддршка на патниците.

Ален на средба со Курти: Косово припаѓа во ЕУ и НАТО, да се спроведат договорите со Србија

Претходно, американската дипломатка се сретна и со претседателката Вјоса Османи.

Американската државна потсекретарка за јавна дипломатија Елизабет Ален, која престојува во Косово, по средбата со претседателката на државата, Вјоса Османи, беше примена и од косовскиот премиер, Албин Курти, со кого вели дека имала „длабока дискусија“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ален на платформата „Икс“, поранешен Твитер, покрај фотографии од средбата со Курти, напиша дека „Косово припаѓа во ЕУ и НАТО“, а го повтори и барањето на Вашингтон за спроведување на договорите со Србија.

„Ја ценам длабоката дискусија со косовскиот премиер Албин Курти. Косово припаѓа во ЕУ и НАТО. Ние бараме целосна имплементација на сите договори што Косово и Србија ги постигнаа во рамките на Дијалогот олеснет од ЕУ“, напиша Ален.

Претходно, американската дипломатка се сретна и со претседателката Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на Соединетите Американски Држави и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави.

На заедничката прес-конференција по потпишувањето на договорот, Ален рече дека со Османи разговарале и за „критичните прашања на евроатлантскиот пат на Косово“, оценувајќи дека „суштинскиот чекор кон евроатлантскиот пат на Косово (е) напредокот на Косово во врска со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“. /МИА

Руската нафтена рафинерија во Краснодар привремено ја прекина работата по украинските напади

Руската нафтена рафинерија „Славјанск“ во јужниот дел на областа Краснодар денеска привремено ја прекина работата по синоќешниот напад на украински беспилотни летала, јавија руските медиуми.

Според извештаите на локалните власти, шест украински беспилотни летала паднале на територијата на рафинеријата.

Дроновите со кои беше нападната рафинеријата во јужниот дел на Русија не предизвикаа пожари, додаваат медиумите, повикувајќи се на властите.

Рафинеријата има капацитет од четири милиони тони нафта годишно, што е околу еден милион барели дневно./МИА

Стабилна состојба на работникот, кој се здоби со тешки повреди во лифт

Стабилна е состојбата на 56 годишниот маж кој вчера попладне се здоби со тешки телесни повреди во лифтот во угостителски објект во Штип. 

Надлежните во Клиничка болница- Штип информираат дека е примен со скршеници на пршлените и е хоспитализиран на oдделението за ортопедија во штипската Клинничка болница. Неговиот колега, 71 годишниот пензиониран кувар им подлегна на повредите добиени при пад на лифтот, во кој биле работно ангажирани.

Во меѓувреме директорката на Државниот инспектор за труд, Весна Томовска за МИА изјави дека на лице место вчера е излезен трудов инспектор. Утврдено е дека двајцата работници не биле вработени, туку работно ангажирани во објектот. Починатиот бил кувар во пензија.

Посочува дека утре до инспекторатот треба да биде доставена документацијата за безбедност при работа во објектот. Од Обвинителството пак информираат дека се обезбедуваат докази за расчистуваање на настанот, а стручно лице ќе направи техничко вештачење на лифтот. Како дошло до трагедијата се уште нема официјални информации. Телото на починатото лице е дадено на обдукција.

притисни ентер