Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ја бранеше одлуката за одложување на испораката на 3.500 бомби на Израел поради загриженоста дека тие ќе бидат користени во нападот врз градот Рафа во јужна Газа, велејќи дека Израел нема „убедлив план“ за заштита на 1,4 милиони цивили, кои се засолниле таму.
Зборувајќи за „This Sunday“ на ABC News, Блинкен рече дека Џо Бајден останува посветен да му помогне на Израел да се одбрани и дека испораката на 3.500 бомби со тежина од 900 и 230 килограми е единствениот американски пакет со оружје што е задржан.
Тоа би можело да се промени, продолжи тој, доколку Израел изврши сеопфатен напад врз Рафа, за кој Израел вели дека планира да ги искорени борците од милитантната група Хамас.
„Бајден јасно стави до знаење дека ако Израел „покрене голема операција во Рафа, тогаш постојат одредени системи што нема да ги поддржиме и да ги снабдуваме за таа операција“, рече Блинкен.
„Навистина сме загрижени за начинот на кој тие се користат“, продолжи тој. Израел мора да „има јасен, убедлив план за заштита на цивилите, што сè уште не сме го виделе“.
Рафа е дом на 1,4 милиони Палестинци, од кои многумина се раселени од другите делови на Газа бегајќи од борбите и израелските бомбардирања поради големиот недостиг на храна и вода.
Најмалку 35.000 Палестинци се убиени во израелската воена операција во Газа, соопшти Министерството за здравство на енклавата.
Војната започна со напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе и киднапирани беа 250, според израелските податоци. Израел тврди дека во борбите загинале 620 војници.