Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска вети три милијарди фунти (3,74 милијарди долари) годишна воена помош за Украина „колку што е потребно“ и додаде дека Лондон нема ништо против оружјето да се користи во Русија.
„Ќе даваме три милијарди фунти секоја година онолку колку што е потребно. Штотуку навистина исцрпивме сѐ што можеме во однос на давање опрема“, изјави тој за Ројтерс во интервјуто за време на посетата на Киев, додавајќи дека пакетот помош е најголем од Обединетото Кралство до денес.
„Дел од таа (опрема) пристигнува во Украина денес додека сум тука“, рече тој.
Камерон рече дека Украина има право да користи оружје доставено од Лондон за да нападне цели во Русија и дека тоа зависи од Киев.
„Украина го има тоа право. Исто како што Русија напаѓа внатре во Украина, сосема е разбирливо зошто Украина чувствува потреба да се осигура дека е способна да се одбрани“, изјави Камерон за Ројтерс.
Камерон, кој го предводеше Обединетото Кралство од 2010 до 2016 година како премиер и се врати на политичкиот фронт пред само неколку месеци, се состана со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и претседателот Володимир Зеленски во неговата втора посета на Киев како министер за надворешни работи.
Највисокиот британски дипломат го прослави објавувањето на долго одложуваниот пакет помош од 60 милијарди долари од страна на американскиот Конгрес.
„Тоа е апсолутно критично, не само во однос на оружјето што ќе го донесе, туку и на зајакнувањето на моралот што ќе го донесе на луѓето овде во Украина.
Сепак, Камерон не одговори директно на прашањето како мисли дека евентуалниот реизбор на републиканскиот кандидат Доналд Трамп во Белата куќа може да влијае на американската поддршка за Украина.
Трамп и тврдокорните републиканци во Конгресот се против понатамошната помош за Украина, со можен исклучок за заем.
„Не зависи од нас да одлучиме кого американскиот народ ќе избере за свој претседател - ние ќе работиме со кој било“, рече Камерон.