Во иднина, тие би можеле да работат во болници и да им вадат крв на пациентите. Автоматизираниот робот за земање примероци на крв, развиен од истражувачи од универзитетот „Рутгерс“, го прави токму тоа , а во некои случаи и подобро од медицинските лица, соопшти универзитетот.
Првото клиничко испитување на роботите за земање примероци од крв утврди дека ова може да им овозможи на лекарите и медицинскиот персонал повеќе време да ги лекуваат пациенти наместо да ги боцкаат. Роботот ја наоѓа вената со помош на ултразвучна слика, ја прободува со игла и потоа вади крв. Роботот има и центрифугален анализатор за крв, пренесува CNET.
Резултатите од студијата, објавени во списанието Technology, покажуваат дека роботот имал вкупна стапка на успех од 87 проценти на 31 пациент чијашто крв била земена. За 25 лица чии вени беа лесни за откривање, стапката на успех била 97 проценти.
Претходните студии покажаа дека здравствените работници имаат стапка на успех од 73 проценти кај пациенти без видливи вени, 60 проценти кај пациенти без опипливи вени и 40 проценти кај пациенти со лоша состојба, објави Рутгерс.
„Уред како нашиот може да им помогне на лекарите да земат примероци од крв брзо, безбедно и сигурно, спречувајќи ги непотребните компликации и болка од повеќе обиди за вметнување на иглата“, рече Џош Лајпхајмер, водечки автор и доктор на Универзитетот Рутгерс во Бранзвик .
Во иднина, роботот може да се користи и за други вообичаени медицински процедури, како што се катетеризација и дијализа.