Во овие држави и довербата во владата е голема, а властите се надеваат дека слободата ќе доведе до зголемување на бројот на вакцинирани.
Вакцинираните граѓани во Холандија ќе можат да танцуваат во преполни ноќни клубови од сабота, 25 септември, без обврска да ја држат дистанцата, и наместо мерки, ќе треба да покажат ковид-пасош, објави Дојче веле.
Минатата недела, Данска ги укина сите ограничувања и со тоа стана првата земја од ЕУ што се врати во „нормалност“.Не треба маска или доказ за вакцинација за одење на концерт или во теретана. На крајот на август, министерот за здравство рече дека ковидот повеќе не се смета за „социјално критична болест“.
На овие две земји им се придружува Шведска, која веќе имаше најблаги мерки за време на пандемијата. На крајот на септември, ќе бидат укинати ограничувањата за јавни и приватни собири, како и препораката за работа од дома.
Меѓутоа, оние што патуваат во овие три земји се уште треба да бидат тестирани и ставени во карантин, доколку не биле вакцинирани.
Според датотеката на Оксфорд, Our World in Data, во Данска, три четвртини од вкупното население биле вакцинирани со две дози. Од поголемите земји на ЕУ, само Португалија и Шпанија се пред нив. Во Холандија и Шведска, околу 63 проценти од сите жители се вакцинирани.
„Меѓу најранливите пациенти и граѓани, повеќе од девет од десет се вакцинирани“, рече Алан Рандруп Томсен, вирусолог на Универзитетот во Копенхаген.
Во Холандија, министерот за здравство Хуго де Јонг верува дека враќањето на претходните слободи ќе мотивира многу повеќе луѓе да се вакцинираат.