Делови од Чаир, Гази Баба и Бутел утре без вода

Корисниците од населбите Гази Баба, Чаир, Кале, Топаанско Поле, Скопје Север, Бутел 2, Железарница и високата зона Автокоманда утре од 9:00 часот ќе останат без вода за пиење.

Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, причина за прекинот во водоснабдувањето е промена на затворач на водоводна мрежа со пречник 300 милиметри на улицата „Цветан Димов“ бр. 155.

Корисниците ќе бидат без вода се до завршувањето на инервенцијата од стана на екипите на ЈП „Водовод и канализација “ Скопје. /МИА

НАТО: Се интензивираат хибридните напади на Русија врз членките на Алијансата

Членките на НАТО се длабоко загрижени поради неодамнешните зголемени злонамерни хибридни напади на Русија на територијата на земјите од Алијансата, кои претставуваат безбедносна закана, соопшти денеска Алијансата.

Тоа, според соопштението објавено на веб-страницата на НАТО, вклучува напади кои резултираа со истрага и обвинение против повеќе лица во врска со непријателски активности кои ги засегаат Чешка, Естонија, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Велика Британија.

НАТО го осуди однесувањето на Русија и ја повика да ги почитува нејзините меѓународни обврски, велејќи дека постапките на Москва нема да ги одвратат членките на Алијансата да продолжат да ја поддржуваат Украина.

Во соопштението се наведува дека овие инциденти се дел од „интензивната кампања на Русија која продолжува да ја спроведува на целата територија на земјите членки на НАТО“.

Се наведува дека овие инциденти вклучуваат саботажа, акти на насилство, кибер и електронско попречување, кампањи за дезинформација и други хибридни операции.

НАТО ја нагласува солидарноста со земјите-членки погодени од руските хибридни напади и истакнува дека ќе дејствува колективно за да ги реши таквите акции.

Се нагласува дека Алијансата ќе продолжи да се спротивставува на руските хибридни напади. /MИА

Папата Фрањо упати честитка до монсињор Стојанов по повод 25-годишниот бискупски јубилеј

25-годишен јубилеј од хиротонијата на Киро Стојанов.

Апостолскиот нунциј во земјава монсињор Лучано Суријани, придружуван од првиот советник во нунцијатурата монсињор Џорџо Кеца, вчера во бискупската резиденција на Водно лично му ја предаде честитката од папата Фрањо на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов по повод неговиот 25-годишен јубилеј од хиротонијата.

- Наполнуваш дваесет и пет години од твојата епископска хиротонија. Ви го честитаме овој јубилеј и пастирската служба која грижливо ја извршуваше. Тоа всушност е служба на постојано проповедање на Евангелието и посветено толкување на христијанската вистина. Преку застапништво на Пресвета Богородица, која се вознесе на небо, Го молиме Господа за ведрина на духот и добро здравје. Исто така упатуваме благослов до Тебе и твоето стадо, со понизна молба да упатувате молитви, па така – зајакнати со верата, надежта и љубовта – посветено да ја извршуваме петровата служба, се наведува во честитката.

Редовната седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во БИХ ќе се одржи на 15 мај

Редовната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Босна и Херцеговина ќе се одржи на 15 мај, соопшти Советот за безбедност на ОН.

Засега не се објавени дневниот ред и времето на одржување на седницата.

На 30 април на барање на Русија се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

Владата на Република Српска претходно до Советот за безбедност на ОН достави извештај за состојбата во БиХ, со посебен осврт на последиците од евентуалното усвојување на резолуцијата за Сребреница, која беше поднесена до Генералното собрание без согласност од сите три конститутивни народи во БиХ.

Редовни седници на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина се одржуваат двапати годишно. /МИА

притисни ентер