“Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе го почитувам Уставот и и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија.“
Со свечената изјава и обраќањето пред пратениците во заминување и бројните гости во Парламентот, Гордана Силјановска Давкова го започнува петгоднишниот мандат како прва жена претседателка на Македонија. Во 15 минутниот говор од собраниската говорница најголем дел посвети на жените, вети дека ќе го почитува законодавниот дом, ќе биде претседателка на сите без да прави разлика по било која припадност, а побара за возврат да не и замеруваат доколку во иднина користи „вето“ на законите кои таа ќе ги оцени дека се штетни за државата.
„Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност.“
Новата претседателка се заблагодари на големиот број на граѓани кои гласаа за неа на изборите, а ги спомена и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Мицкоски и Ковачевски.
„Јас, Мицкоски пред 2019 година само еднаш го видов на телевизиските екрани. Довербата е многу важна, јас ќе ја оправдам – не поради долг кон политика или партија, туку бидејќи добив шанса да бидам опкружена со многу жени. Можеби некој ќе ми замери што го споменав господинот Мицкоски, но еве пред мене е и господинот Ковачевски, па сакам и него да го споменам. И тој се одважи да ми се јави, не само на Фејсбук да ми посака добредојде и успешна работа, туку да поразговараме.“
На инаугуративната седница во Собранието, покрај пратениците, лидерите на политичките партии, првите луѓе на армијата, правосудните органи и верските заедници, присуствуваше и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и сопругата на Борис Трајковски, а не дојде Бранко Црвенковски. Во собранието беше и дипломатскиот кор, а меѓу нив и грчката амбасадорка Филипиду која во знак на протест поради тоа што новата претседателка не ја користеше „Северна“, ја напушти салата за седница.