Џафери: Спроведовме европски избори и придонесовме во европското поведение на земјата

Техничката влада го положи тестот, смета Талат Џафери кој на прес конференција се осврна на работата на владата во изминатите 100 дена. 

Очекува, како што рече, европскиот пат да го продолжи новата извршна власт, но немаше конкретен одговор на прашањето дали е подготвен да замине во опозиција по изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со интегративците.

-Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада,- изјави – Талат Џафери – Технички премиер.

Откако вчера Државната изборна комисија ги објави првичните официјални изборни резултати почнаа да течат роковите за приговори за Претседателските и Парламентарните избори, кои завршуваат вечерва. Досега не добиле ниту еден приговор, и ако остане така во рок од 24 часа Комисијата ќе ги објави конечните резултати од изборите. До Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај, односно најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието, Јован Митрески. Најдоцна десет дена по конститутивната собраниска седница треба да биде доделен мандатот за формирање Влада на партијата или партиите со најголем број пратенички мандати на изборите – во случајот ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Мандатот на Мицкоски ќе му го додели претседателката Силјановска Давкова. Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на новата Владата, која се гласа со мнозинство гласови во Собранието – односни 61 пратеник. Согласно роковите, Македонија би требало да ја добие новата Влада најдоцна до 27 јуни, а во меѓувреме продолжува мандатот на техничката Влада.

Родителите преплашени по нападот со нож во училиште во Кина- најмалку две лица загинале

Најмалку две лица загинаа, а 10 се повредени во напад со нож во основно училиште во кинеската провинција Џиангкси.

Полицијата соопшти дека жената (45) го извршила нападот употребувајќи нож за салата. Во меѓувреме била уапсена.

Нападот се случил околу пладне по локално време, но се уште не е познато дали меѓу жртвите има и деца.

По веста за нападот, родителите веднаш се упатиле кон училиштето и го опишале својот страв и шок.

„Дознав околу пладне, бев многу шокиран. Моето дете е петто одделение и безбедно си стигна дома, но училиштето не нѝ извести за ништо и сѐ чува во тајност. Се враќам да го утешам детето и да дознаам што точно се случило“, рече еден родител за Би-Би-Си.

Друг татко рекол дека е многу исплашен и дека не се исплашени само децата, туку и возрасните.

"Наставниците добро реагираа - веднаш објавија фотографии од децата во родителската група, рекоа дека децата се безбедни и веднаш ја заклучија вратата. Ги замолија родителите да дојдат да ги земат", рекол друг татко.

Тој додаде дека наставниците им рекле дека нападот е под истрага и дека не знаат повеќе детали.

Официјално: Ливерпул најде замена за Клоп, од 1 јуни на неговото место доаѓа Арне Слот

Денови на промени во Ливерпул.

Откако Јирген Клоп го одигра својот последен меч со „црвените“ во неделата против Вулверхемптон Вандерерс, клубот денеска откри дека негов официјален наследник ќе биде долгогодишниот шеф на стручниот штаб на Феенорд, Арне Слот.

Тој ќе ги преземе своите обврски на 1 јуни 2024 година, а Ливерпул успеа да се договори со Феенорд за сите детали.

Специјалистот со холандско потекло пристигнува во Ливерпул по големиот успех во Феенорд, каде што го предводеше тимот до титулата во 2023 година, а двапати беше прогласен за тренер на годината во Ередивизие.

Годинава го освои холандскиот куп со Феенорд, откако тимот во финалето го совлада НЕЦ Најмеген со минимален резултат.

Покрај тоа, Слот во текот на кариерата беше тренер на АЗ Алкмар со кого што го освои второто место, веднаш зад Ајакс со кого беше израмнет по бодови, но не и во гол разлика.

Тој ќе стане и првиот шеф на стручниот штаб на Ливерпул кој доаѓа од Холандија, а всушност ќе започне со работа во јули за време на подготовките.

САД изразија сочувство за смртта на иранскиот претседател

Соединетите Држави денеска испратија „официјални изрази на сочувство“ за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други официјални лица во хеликоптерска несреќа, објави Стејт департментот.

„Додека Иран избира нов претседател, ние ја потврдуваме нашата поддршка за иранскиот народ и неговата борба за човекови права и основни слободи“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во соопштението.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека нема увид во причината за хеликоптерската несреќа во која загина иранскиот претседател Ебрахим Раиси, додавајќи дека не мора да го гледа поширокото влијание на тој настан врз регионалната безбедност.

„Не можам да шпекулирам што би можело да биде причината“, им рече Остин на новинарите.

Американскиот Стејт департмент додаде дека САД ќе продолжат да се спротивставуваат на поддршката на Иран за тероризмот, ширењето на опасно оружје и унапредувањето на неговата нуклеарна програма.

притисни ентер