Според досегашната пракса на екстрадиција на високоризични затвореници, Палевски, би требало во присуство на турската полиција да биде спроведен до авионот со кој ќе патува, а таму ќе го пречекаат припадници на македонската безбедносна служба. Тие ќе бидат задолжени за него за време на летот. Веднаш по слетувањето, под силно полициско обезбедување, веднаш ќе биде транспортиран во истражниот затвор ,,Скопје”, бидејќи му е одредена мерка притвор.
Професорот за безбедност, Методи Хаџи Јанев, не очекува никакви проблеми при спорведувањето, но предупредува дека мора да бидат запазени сите човекови права, во спротивно осомничениот би можел тоа да го употеби во своја корист.
Во пресрет на екстрадицијата, политичката партија Десна на својот официјален Фејсбук профил, објави наводно писмо од својот поранешен лидер Љупчо Палевски. Тврдат дека тоа било упатено до министерот за правда Кренар Лога, пишувано лично од Палчо, на 29 април, а следниот ден му било испратено преку службениот маил. Тој во писмото го обвинува министерот за правда Кренар Лога дека правел калкулации и застој со екстрадицијата поради изборите во земјава.
Барањето за екстрадиција доаѓа по неговото апсење на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.