Двегодишната Данка е убиена, уапсени две лица -телото фрлено на депонија

Тага до небо – трагичен крај на 10-дневната потрага по малата Данка, за чие пронаоѓање се обедини целиот регион. 

Српската полиција уапси двајца мажи од Бор осомничени за убиство на 2-годишното дете во своевиден пресврт околу причините за нејзиното исчезнување.

Двајцата осомничени се на возраст од 50 години и биле вработени во јавното претпријатие Водовод во Бор.

Кобниот ден со службен автомобил ја прегазиле Данка недалеку од куќата кај Бањско поле, а потоа како што пишуваат српските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, во обид да го сокријат случајот, ја ставиле во гепекот и ја однеле во блиска дива депонија кон Брестовац, каде ја закопале. Српската полиција не ги потврдува ваквите информации, иако видео снимките од терен покажуваат како денеска со тешка механизација се пребарува местото кое го посочиле осомничените. Teлото се уште не е пронајдено, а веста за трагедијата, која според полицијата се случила само седум минути по пријавата на мајката за исчезнувањето на детето, ја соопшти претседателот Вучиќ, откако во коверт му беше донесена за време на денешната владината седница.

-Имаме лоши вести, за нашата мала Данка од Бор. Полицијата уапси две лица, за кои колку што разбирам, извршиле убиство. Со какви монструми ние си имаме работа. , изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Осомничените 9 дена молчеле, се до моментот кога трагата до нив ги носи полициската проверка на сите автомобили кои изминатиот период гравитирале во областа, вклучително и на нивниот службен автомобил Фијат Панда. ДНК и форензичката анализа ги откриваат примероците од крв на возилото, кои како што шпекулираат медиуми, осомничените претходно се обиделе да ги исчистат со киселина.

Двајцата осомничени го признаваат делото, а Телеграф.рс објави и видео снимка направена вчера која наводно ги покажува осомничените како во придружба на полиција се во обиколка на шумски предел.. Во отстуство на официјални информации, шпекулациите одат дотаму дека Данка ја преживеала сообраќајната несреќа, но била задавена од еден од осомничените.

Во трескавичната потрага по Данка, која во најголем дел беше фокусирана во поширокиот регион на Бор, беа вклучени неколку илјадници полицајци со кучиња трагачи, дронови и хеликоптери, пожарникари, ловци, рудари, доброволци, но не успеаја да го пронајдат девојчето. Надежта повторно се разбуди пред неколку дена кога се појави снимка од девојче во Виена кое многу наликуваше на Данка, но вчера беше потврдено дека се работи за друго девојче.

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот, со кој се превезувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“.

Телевизијата не соопшти детали за инцидентот, само дека спасувачи се обидуваат да стигнат до хеликоптерот со кој се превезуваа Раиси и други функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

притисни ентер