Ексетер и Ливерпул на стартот од третото коло од ФА купот

Со натпреварот што се игра вечерва со почеток во 20:55 часот меѓу Ексетер и Ливерпул, ќе стартуваат дуелите од 3. коло од ФА купот.

Во оваа рунда од натпреварувањето се вклучуваат екипите од Премиер лигата и Чемпионшип дивизијата (втор ранг).

Ексетер, кој игра во Втората дивизија е домаќин на премиерлигашот Ливерпул. За гостите најголем проблем се повредените играчи и вистинска енигма е со кој состав ќе настапи Ливерпул на овој дуел.

Во сабота на програмата се 26 натпревари, а пет се играат в недела. Победниците ќе обезбедат пласман во следната рунда, а ако нема победник се игра нов натпревар на теренот на гостинската екипа. /МИА

Палестински власти: Гласањето во ОН покажува дека „Палестина заслужува полноправно членство“

Палестинските власти велат дека гласањето во ОН покажува дека „Палестина заслужува полноправно членство“

Палестинското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека гласањето на Генералното собрание на ОН за давање дополнителни права на Палестинците во светската организација покажало дека тие заслужуваат „полноправно членство“.

Гласањето „потврдува дека Палестина ги исполнува сите барања пропишани во Повелбата на Обединетите нации... Така таа заслужува, и е квалификувана да добие полноправно членство во Обединетите нации“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Палестинската управа. /МИА

Шпанска екстремно левичарска партија повикува на бојкот на Израел на Евровизија

Франција и Германија се против каков било бојкот.

Екстремно левичарската партија Сумар, членка на шпанската коалициска влада, денеска покрена петиција со која бара Израел да биде исклучен од финалето на Евровизија в сабота поради војната во Газа.

„Потпиши СЕГА да го избркаш Израел од Евровизија, не дозволувај да настапи во саботното финале! Прочитајте ја онлајн петицијата која до пладне собра 7.000 потписи.

На чело со министерката за труд Јоланда Дијаз, број три во владата, од Сумар нагласија дека Европската радиодифузна унија (ЕБУ) изгубила „значаен дел од редовната публика на шоуто“ затоа што дозволила Израел да учествува додека „неговата армија го истребува палестинскиот народ и ја уништува неговата земја.

Француски министер попладнево ги осуди повиците за бојкот против учеството на Израел на Евровизија, апелираше политиката да се држи понастрана од тоа натпреварување.

„Политиката нема место на Евровизија“, изјави министерот за европски прашања Жан Ноел Баро за весникот „Либерасион“.

Притисокот да се бојкотира Израел е „неприфатлив“, рече тој.

Израелскиот пејач Еден Голан (20) вчера се квалификуваше за големото финале на Евровизија овој викенд со „Ураган“, песна која е изменета од нејзината оригинална верзија која алудираше на нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Германија денеска соопшти дека повиците за бојкот на израелскиот тим на Евровизија се „неприфатливи“, откако демонстранти во земјата домаќин Шведска протестираа против израелското учество поради војната во Газа.

Повеќе од 10.000 луѓе излегоа на улиците на Малме за да го изразат противењето на Израел да учествува.

Германската министерка за култура Клаудија Рот рече дека „повиците за бојкот на учеството на израелските уметници на културните настани таму, како и секаде во Европа и Германија, се апсолутно неприфатливи“.

„Особено во овие времиња, ни треба поголема културна соработка меѓу Европа и Израел“, додаде таа на X, поранешен Твитер.

„Евровизиските ѕвезди особено од Израел се залагаа -- и сè уште се залагаат за -- отворено и разновидно општество. Антисемитизмот, омразата и насилството немаат место на овој важен музички настан“. /МИА

Ирачката Влада бара мисијата на ОН во таа држава да заврши во 2025 година

Владата на Ирак поднесе барање до ОН да ја прекинат тамошната мисија до крајот на 2025 година, чија цел е добро владеење и реформи за човековите права.

Ирак побара од неколку меѓународни тела кои работат во земјата да го намалат нивното присуство.

Во писмото испратено од ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, се наведува дека „повеќе нема потреба да се продолжи“ работата на Мисијата на ОН за помош во Ирак (УНАМИ).

Судани наведува дека владата во Багдад „можела да преземе голем број важни чекори“ во областите под мандат на мисијата, со што нејзиното присуство е излишно.

Вообичаено е мандатот на таа мисија да се продолжува еднаш годишно, за што одлучува Советот за безбедност на ОН. Сегашниот мандат истекува на крајот на овој месец.

Во писмото Судани не се спротивставува на уште едногодишно продолжување, но посочува дека мисијата треба да се фокусира на завршување на своите задачи со цел да дојде до нејзино трајно затворање и трансфер на одговорностите до крајот на 2025 година. /МИА

притисни ентер