Емотивна порака на Надал: Не знаете колку ми е тешко, телото не ми дозволува (ВИДЕО)

Иако се очекуваше еден од најдобрите шпански тенисери во историјата Рафаел Надал да учествува на АТП Мастерсот во Монте Карло, тоа нема да се случи.

Тој го откажа учеството, а многу брзо се огласи на социјалните мрежи.

Надал откри дека неговото тело едноставно не е на доволно ниво за да се натпреварува и дека му е многу тешко и дека ова се некои од најтешките моменти во неговата спортска кариера.

- Здраво на сите, ова се многу тешки моменти за мене на спортски план. За жал, морам да ви кажам дека нема да играм во Монте Карло. Моето тело едноставно не ми дозволува да го сторам тоа. И покрај тоа што напорно работам секој ден и ја ставам сета моја волја да играм и повторно да се натпреварувам на турнирите кои ми се многу важни, вистината е дека не можам да играм денес. Немате поим колку ми е тешко да не играм на овие турнири.“

Тој додава дека се надева дека во одреден момент конечно ќе се врати на теренот, а на навивачите им се заблагодари за поддршката.

- Единствено што можам да направам е да ја прифатам ситуацијата и да гледам во иднината со возбуда и волја за игра и да се надевам дека работите ќе се подобрат. Благодарам на сите, како и секогаш, за сите пораки за поддршка и желби – напиша Надал.

Приведени двајца дрвокрадци во Ресенско, следува соодветна пријава

Во атар на ресенското село Болно, вчера во 16.40 часот,  полициски службеници од ОВР Ресен ги лишиле од слобода С.Д.(47) од Ресен и Т.Д.(45)  од Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „кражба” по член 235 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека при контрола на трактор со приколка, кој го управувал С.Д., а сопатник бил Т.Д., биле пронајдени огревни дрва за кои не поседувале никаква документација. Тракторот, дрвата и приколката биле одземени, а по целосно документирање на настанот против лицата ќе следува соодветна пријава.

Работна посета на министерот Муцунски во Прага

Средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес е во работна посета на Прага, Чешка. Во рамките на посетата, тој утрово заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, а по средбата имаа свое обраќање на македонско-чешкиот бизнис форум.

Средбата со министерот Влчек се фокусираше на одличната економска соработка и интересот за нејзино понатамошно унапредување. Притоа, беше истакната важноста на досегашните состаноци на Мешовитиот комитет по Договорот за економска и индустриска соработка меѓу двете земји, како и размена на мислења за конкретни иницијативи и активности кои ќе придонесат за зајакнување на економските врски.

Во рамките на македонско-чешкиот бизнис форум, министрите Муцунски и Божиновска, заедно со чешкиот министер Влчек, ги претставија можностите за инвестирање во двете држави.

Презентирани беа иницијативите на македонската влада за подобрување на бизнис-климата, привлекување странски инвестиции и поттикнување на извозот. Дополнително, беа истакнати можностите за економска соработка и инвестициски проекти со цел земјава да стане следна дестинација за странски директни инвестиции, што ќе придонесе за засилено економско партнерство меѓу двете земји.

Властите на Филипините наредија евакуација на населението поради наближувањето на тајфун

 Властите на Филипините наредија евакуација на населението, складирање храна и ставање на војската во состојба на готовност поради тајфунот Јинсинг, бидејќи бурата се движи кон североисточните градови што може да ги загрози во текот на неделата

Центарот на тајфунот, со ветрови од 120 километри на час, се проценува на 590 километри од источниот град Балер во провинцијата Аурора, објави државната метеоролошка агенција.

Локалните власти го повикаа населението од оддалечените населби да се евакуира предвреме, бидејќи постои можност спасувачите да не можат да стигнат до нив за време на бурата.

„Различни владини оддели ги здружија напорите за издавање рани предупредувања, планирање и позиционирање на потребните стоки и услуги“, рече министерот за одбрана Гилберто Теодоро.

Се очекува бурата да го погоди копното помеѓу четврток навечер и петок наутро во близина на северната провинција Кагајан, со силен дожд во градовите кои се наоѓаат на патот, изјави претставник на метеоролошката агенција.

„Околу 24 милиони луѓе би можеле да бидат директно погодени од тајфунот“, соопштија филипинските власти.

Ова е трета бура за помалку од еден месец што им се заканува на Филипините, откако бурата Трами и супертајфунот Конг-реј го погодија централниот остров Лузон во последните неколку недели, при што загинаа 151 лице, а 21 се водат како исчезнати, соопшти цивилната одбрана.

Околу 20 тропски бури просечно ги погодуваат Филипините секоја година, носејќи поројни дождови, силни ветрови и смртоносни одрони.

притисни ентер