Епилепсијата една од најчестите невролошки болести, во државава 13.824 пациенти со оваа болест

 Се проценува дека над 50 милиони луѓе ширум светот боледуваат од различни форми на епилепсија, што ја прави една од најчестите невролошки болести во глобални рамки.

Вкупната бројка на пациенти со епилепсија во Република Северна Македонија е 13.824, или преваленцата на епилепсија кај нас изнесува 6,67 на 1.000 жители.

Д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје, во изјава за МИА вели дека епилепсијата ги зафаќа луѓето од сите возрасти и обата пола, но кај нас почеста е кај машките пациенти.

Во државава, како што појаснува, епилепсијата најчесто се јавува во два пика, во детството - адолесценцијата и кај пациентите над 50 години.

- Во последно време, пикот во детската - адолесцентна возраст се намалува, а кај оние над 50 години расте постепено, достигнувајќи го врвот кај пациенти од 70 до 79 години. Што може да се објасни со подолг животен век и пораст на бројот на заболувања поврзани со возраста и со стареење кои имаат епилептогени потенцијал - мозочен удар, деменција и така натаму, додава доктор Бабуновска, која е добитник на наградата за најдобар труд од областа на неврологијата на Меѓународните Медис награди за медицина и фармација во Љубљана.

Вели дека потребно е да се подигне свеста за оваа болест и дека денешниот датум - 26 март или Виолетовиот ден, претставува Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот.

- На овој ден, се повикуваат сите луѓе во светот да облечат виолетова облека, со цел да се пружи поддршка на лицата со оваа дијагноза. Поддршката што можеме да ја пружиме е преку едукација, вели Бабуновска.

Таа смета дека свеста за оваа болест е мала и дека со факти треба да се разбијат некои митови за пациентите со оваа болест.

- Тие митови се дека епилепсијата е ретка болест, дека ако сте имале еден напад значи дека имате епилепсија, дека епилепсијата е психолошка состојба и е форма на ментална болест и луѓето се емоционално нестабилни, дека сите напади се исти, дека лесно е да се каже кога нападот ќе се случи, дека дијагнозата на епилепсијата е едноставна, дека лицата со епилепсија се „епилептичари“ и луѓето со епилепсија не можат да се носат со висок притисок на работните места и со високи и сложени функции, дека мора да се родиш со епилепсија, дека таа претставува доживотно нарушување, дека за време на напад едно лице може да го проголта јазикот, дека епилепсијата не може ефикасно да се регулира, дека епилепсијата е заразна болест.... Сѐ што споменавме се само митови, нагласува Бабуновска.

Според неа, потребна е едукација и на населението за да знае како да се справи, доколку некој случаен минувач се здобие со епилептичен напад.

- Пациентот не треба да се остави сам во тек на нападот, препорачливо е оној кој е очевидец да остане до него, да се обезбеди просторот од објекти кои би го повредиле пациентот и најбитно е - да не се паничи. Потребно е да биде поставен во странична положба, да се стави нешто меко под главата и да не се ставаат предмети во устата, да не се извлекува јазикот, бидејќи тоа е мит дека јазикот може да се голтне. Значи доволно е да се остави во странична положба, да бидат слободни дишните патишта. Вообичаено нападите се само лимитирачки, но, доколку нападот трае повеќе од вообичаено, повеќе од пет минути или доколку нападите се повторуваат, да се повика Итна медицинска помош за пациентот да прими соодветна терапија и да биде пренесен во болница. Ние велиме, „time is brain“, појаснува таа.

Апелира лицата со епилепсија да не се стигматизираат. Тие се лица кои доживуваат хронични, повторливи напади, вели Бабуновска, и се претпочита да бидат именувани како „лица со епилепсија“, а не како епилептичари или падавичари. Според Бабуновска, повеќето професии, вклучително и оние во највисоките нивоа на деловно работење, како што се влада, правосуден систем, спорт и медицина можат да примат лице со епилепсија.

- Пациентите со епилепсија треба да бидат прифатени од општеството бидејќи 2/3 од пациентите со епилепсија се добро контролирани со лекови против напади и тие може воопшто да немаат напади додека примаат терапија и можат нормално да функционираат во општеството и да се носат со одговорни функции, истакнува Бабуновска.

Појаснува дека епилепсијата е повторувачко, хронично нарушување, што се карактеризира со ненадејна појава на непровоцирани епилептични напади.

- Постојат повеќе од 20 форми на напади. Нападите генерално се поделени на фокални и генерализирани, во зависност од тоа во кој дел од мозокот почнува абнормалната мозочна активност. Фокални - инволвирајќи мозочни мрежи ограничени на една хемисфера, генерализирани - започнуваат со дистрибуција во билатерални мрежи синхроно во двете хемисфери од почеток, како и - со непознато почеток, вели Бабуновска.

Македонското невролошко здружение, Македонската лига против епилепсија и Универзитетската клиника по неврологија, ќе го одбележат овој ден, вечерва од 18 до 19 часот на плоштадот пред „Култура“ и од 19 до 20 часот, пред „Порта Македонија“, која ќе биде осветлена во виолетово, за што, Бабуновска се заблагодари на Одделението за урбана опрема при Град Скопје.

- Ги покануваме сите да дојдат, да ги срушиме стереотипите за невролошките болести, да ги прифатиме лицата со епилепсија, да се едуцираме и да помогнеме, подвлекува Бабуновска во изјавата за МИА.

Пропалестински протести пред Универзитетот во Амстердам, студентите прават барикади (ВИДЕО)

Пропалестинските демонстранти денеска подигнаа барикади пред Универзитетот во Амстердам за да го блокираат влезот во зградата на факултетот, до кој се пристапува од централниот дел на градот и насоката на каналот.

Пропалестинските демонстранти денеска подигнаа барикади пред Универзитетот во Амстердам за да го блокираат влезот во зградата на факултетот, до кој се пристапува од централниот дел на градот и насоката на каналот, и рекоа дека ќе останат таму додека институциите не ги пресечат сите врски со Израел.

Интервентната полиција вчера употреби булдожер за да ги сруши барикадите на друг универзитет во Амстердам и приведе 169 лица, но беше речено дека универзитетот се уште не побарал слична интервенција денеска.

На овој начин студентите во главниот холандски град се приклучуваат на бранот протести и студентски акции на нивните колеги на универзитетите низ Европа, кои се насочени против израелската војна во Газа. Нивните акции уследија по поголемите немири што ги започнаа американските студенти на тамошните универзитети.

Демонстрантите сметаат дека израелските институции со кои соработува универзитетот профитираат од репресијата врз Палестинците.

Универзитетот во Амстердам во понеделникот објави дека програмите за размена со три израелски универзитети се суспендирани поради безбедносни причини. Покрај размената на студенти, универзитетот редовно соработува со израелски научници или компании на осум различни европски истражувачки проекти. Во соопштението се вели дека ниту една од овие соработки не поддржува воени цели.

Полицијата вчера ги растера протестите организирани на швајцарскиот универзитет во Цирих и пред зградата на берлинскиот Freie Universitaet.

Минатата недела полицијата спроведе слична акција на Сорбона во Париз, а во среда Универзитетот во Брисел најави дека ќе ги пријави во полиција сите студенти кои учествуваа во насилниот протест, како и во нападот на претседателот на Еврејскиот студентски сојуз.

Ирскиот колеџ Тринити Даблин (ТЦД) неделава објави дека ќе се повлече од инвестициите на израелските компании поврзани со Обединетите нации со населбите во окупираните палестински територии по студентскиот протест организиран поради војната во Газа.

НАСА објави симулација на влез во црна дупка во вселената (ВИДЕО)

Дали некогаш сте се запрашале што се случува, т.е. како изгледа ако пропаднеш во црна дупка?

НАСА штотуку објави нова, неверојатна визуелизација направена со помош на суперкомпјутер, која покажува што се случува откако ќе го премине таканаречениот хоризонт на настани, точката од која нема враќање, соопшти вселенската агенција.

- Луѓето често прашуваат за ова, а симулирањето на овие процеси кои тешко се замислуваат ми помага да ја поврзам математиката на релативноста со реалните последици во реалниот универзум. Затоа симулирав две различни сценарија, едното во кое камерата, замена за астронаутот, за влакно го промаши хоризонтот на настани и се врати, и едно во кое ја премина границата, со што ја запечати својата судбина - рече Џереми Шнитман, астрофизичар во Годард Центарот за вселенски летови во НАСА, кој ја создаде визуелизацијата.

Визуелизациите се достапни во неколку форми. Некои следат објаснувања, други едноставно имаат бизарни ефекти.

За да ја создаде визуелизацијата, Шнитман се здружи со колегата Брајан Пауел и тие го користеа суперкомпјутерот Дискавери во Центарот за климатска симулација на НАСА. Проектот генерирал околу 10 терабајти податоци и тоа го правел пет дена користејќи само 0,3 отсто од 129.000 процесори на Discovery. На типичен лаптоп, ова би траело повеќе од една деценија, додава НАСА.

Дестинацијата е супермасивна црна дупка со маса 4,3 милиони пати поголема од Сонцето, што е слично на „чудовиштето“ во центарот на нашата галаксија Млечен Пат.

- Ако имате избор, подобро е да паднете во супермасивна црна дупка. Црните дупки со маса слична на ѕвездите имаат многу помал хоризонт на настани и посилни плимни сили, кои ќе ги растргнат објектите што им се приближуваат пред да стигнат до хоризонтот – рече Шнитман.

Симулираниот хоризонт на настани се протега на 25 милиони километри, што е околу 17 проценти од растојанието од Земјата до Сонцето.

– Кога камерата ќе го помине хоризонтот, нејзиното уништување со шпагетификација ќе се случи за само 12,8 секунди – изјави Шнитман.

Двајца фаворити на изборите во Бугарија се на американската црна листа

Двајца носители на листа и фаворити на претстојните избори во Бугарија се наоѓаат на американската црна листа поради корупција.

Лидерот на Преродба, Дељан Певски е на американската црна листа од 2021 година.

Додека Васил Божков, носител на листа на партијата ЦЕНТАР е на црната листа на САД од 2021 година и се соочува со повеќе од 16 обвиненија, групирани во три големи кривични дела. Откако најави дека ќе биде носител на листата судот во Софија го ослободи со кауција од 130.000 лева (65.000 евра), со што му овозможи на бугарскиот бизнисмен, познат како Череп, активно да учествува во изборната кампања.

Според бугарските обвинители, Божков е обвинет дека не платил речиси 700 милиони лева (350 милиони евра) такси за коцкање, нелегално поседување антиквитети и поттикнување на убиство.

Божков тврди дека е жртва на репресија од страна на поранешниот премиер Бојко Борисов и вети дека ќе се бори против политичката статус кво состојба во Бугарија, тврдејќи дека неговата партија е единствената алтернатива.

притисни ентер