Фабриката на Xiaomi може да го произведе моделот SU7 за само 76 секунди

Xiaomi го произведува својот прв SU7 модел во Xiaomi Super Factory во Пекинг, каде што се вработени само 20 работници и се инсталирани повеќе од 700 индустриски роботи.

Фабриката може да произведува 40 автомобили на секој час.

Основачот, претседател и извршен директор на брендот, Леи Јун, откри дека кинеската фабрика може да произведе 40 автомобили Xiaomi SU7 за еден час. Тоа е еднакво на време на производство од 90 секунди за секој нов автомобил што ќе излезе од производната лента. Меѓутоа, кога фабриката, која има шест основни работилници, работи со полн капацитет, Xiaomi SU7 се произведува на секои 76 секунди, истакнува Леи Јун.

Високото темпо на производство е резултат на високо автоматизираната производна линија и вклучените напредни паметни техники. Повеќе од 700 индустриски роботи работат во фабриката за паметни автомобили на Xiaomi. Тие извршуваат задачи како што се инсталација, проверка и транспорт. Во фабриката работат само 20 вработени, што е, да речеме, двојно помалку отколку во Чери, бидејќи главната работа ја вршат роботи. Работниците се потпираат на осум роботски раце по работна станица, по четири на секоја страна од автомобилот.

Роботските раце се програмирани да ја инсталираат вратата, ставајќи ја во соодветна положба, затегнувајќи ги завртките и прилагодувајќи ги шарките. Роботите го вградуваат и предното ветробранско стакло, но и задното стакло и панорамскиот покрив. Потребни се помалку од 30 секунди од моментот на примање на деловите до нивното поврзување со каросеријата на автомобилот. Тоа е двојно побрзо од традиционалните автомобилски компании, според Xiaomi.

Гигант тврди дека оваа стратегија е три пати поефикасна отколку да се користат само човечки оператори. Xiaomi има имплементирано и паметен систем во продавницата за бои. Благодарение на флексибилната техника на сортирање на бои и употребата на роботи, времето на боење може да се скрати за 25 отсто, пишува Klix.ba.

Xiaomi моментално има 59 продажни места во 29 кинески градови, со цел до крајот на годината да се прошири на 211 локации во 39 градови. Сегашниот капацитет на фабриката е производство на 150.000 автомобили годишно, но ќе се прошири на 300.000 единици до 2025 година.

Xiaomi SU7 беше претставен на 28 март 2024 година, по повеќе од прифатлива почетна цена од 27.500 евра на кинескиот пазар. Компанијата има за цел да продаде 100.000 автомобили годишно во првата година на пазарот, што лесно ќе се постигне според сегашниот интерес на клиентите. Сепак, кинескиот производител има план за производство од 900.000 единици во следните три години.

Во ЕУ 7,1 отсто од вработените работат 49 или повеќе часа неделно, најмногу во Грција

Во Европската унија во 2023 година, 7,1 отсто од вработените работеле 49 или повеќе часа неделно, што спаѓа во долго работно време, покажуваат податоците објавени од Евростат.

Од земјите на Европската унија најголем удел на работници со долго работно време има Грција, поточно 11,6 отсто, потоа Кипар со 10,4 отсто и Франција со 10,1 отсто.

Најмал удел на вакви работници е забележан во Бугарија, 0,4 отсто, како и во Литванија и Летонија, по 1,1 отсто.

Речиси една третина од самовработените или поточно 29,3 отсто од оваа категорија работат 49 или повеќе часа неделно, додека кај вработените овој процент е значително помал и изнесува 3,6 отсто.

Долгите работни часови најчесто се застапени кај квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, како и кај менаџерите.

Како што пренесува порталот Статиста, вработените со полно работно време во Европската унија во првиот квартал од 2023 година работеле во просек по 40,4 часа неделно.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

притисни ентер