Филипче: Потребен е силен, достоинствен СДСМ да ја одржи идејата за напредна и слободна држава

Доктор Венко Филипче, носителот на листата во ИЕ4 на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, се обрати на вечерашниот митинг во Неготино.

„Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој партиски член.

Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме.

Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. После сите жртви што ги направивме како прогресивна и државотворна партија, недозволиво е сега да потклекнеме пред старите режимски политики. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации.

Како во животот, во спортот, така и во политиката, нема вечни победници, ниту вечно поразени. Тешко е, но наша должност е повторно да се исправиме и да се избориме. Затоа, повикувам секој од вас да собере сила, заедно да одработиме за подобар изборен резултат.

Почитувани граѓани,

Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште. Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси. СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец. СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на државата. Затоа, СДСМ им е потребен на граѓаните. Потребен е силен, достоинствен СДСМ кој ќе ја одржи и продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава.

Почитувани граѓани,

Многу од гласовите што беа дадени за други претседателски кандидати, можат да бидат вратени за листите на СДСМ и Коалицијата. Ве повикувам да им се спротивставиме на оние кои очигледно сакаат СДСМ да биде поделена. Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека пак тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е глас за поделба на македонските социјалдемократи, на прогресивните, глас за слабеење на СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин не се казнува СДСМ, само се наградува ВМРО-ДПМНЕ. Да владее без контрола и без разум.

Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола.

Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме!

Затоа на 8 мај мора да докажеме дека не е сѐ готово, и дека рано им е да слават. Голема изборна битка е пред нас и ќе се обидеме да направиме сѐ за да го подобриме резултатот на 8 мај. На граѓаните им е потребен силен СДСМ на кој тие секогаш се потпирале во најтешките времиња. Во времиња на кризи, во времиња на важни одлуки, тука бил СДСМ.

Ајде да покажеме дека нашата солидарност е жива.

Ајде да покажеме дека можеме да правиме пресврти.

Ајде да покажеме дека нашите кандидати заслужуваат избор и поддршка.

Почитувани граѓани,

Не наседнувајте на приказните дека оние кои седат во Белата палата, која е симбол на криминалот и корупцијата, знаеле подобро од нас да се справуваат со корупцијата и криминалот.

Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта.

Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните. Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански Платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција?

И ова е веќе виденото ВМРО-ДПМНЕ: со години ќе плаши и манипулира со национализам, а потоа ќе си прави дилови и дели територии.

Ве повикувам почитувани граѓани, драги пријатели, другарки и другари, уште еднаш да размислите пред гласањето. И да разговарате со своите соседи и пријатели. СДСМ од своето постоење до денес најискрено ги темели своите политики на зачувување на придобивките од нашето минато. Вие паметите дека понекогаш бевме сами на браникот на одбрана на НОБ и АСНОМ. Знаевме дека тие се темелите на нашата државност: ги почитувавме, ги одбележувавме и ги браневме кога овие другите ги рушеа и понижуваа. Ние, од СДСМ, никој друг. Никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата. Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политиката, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот.

Јас и другите кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата имаме програма и идеи за стабилност и иднина на Македонија. Јас верувам во вашата поддршка. Верувам дека луѓето размислуваат со своја глава и можат да носат правилни одлуки.

И ве повикувам сите да бидеме оптимисти. И да ја покажеме нашата сила и моќ на изборите на 8-ми мај. СДСМ има шанса. И од сите нас зависи дали ќе ја искористиме за да им испратиме вистинска порака.

Да живее Македонија. Да живеат СДСМ и Коалицијата!“

Ужас во Букурешт: Тинејџери до смрт претепуваат човек (Вознемирувачко видео)

Камера во возило кое вчера се движело низ центарот на Букурешт го снимило моментот кога момче (16) и четири години постар негов другар, со стапови до смрт претепале маж (46).

Сѐ се случило во понеделникот околу 17 часот и 30 минути среде улица, пред многумина минувачи.

На грозоморното убиство му претходела расправија меѓу маж и двајца тинејџери во парк. Според романските медиуми, жртвата дошла во паркот за да ја заштити својата поќерка која наводно била нападната од девојките на осомничените за убиството.

Предупредување: вознемирувачка снимка

Наводно, девојките закажале пресметка во паркот, а секоја од нив повикала некој свој на помош. Убиениот е очув на една од девојките во конфликтот. Кога пристигнал во паркот, започнала вербална расправија со тинејџерите, а потоа тие грабнале стапови и почнале да го тепаат до смрт.

Несреќниот маж успеал да побегне од паркот до улицата, но осомничените го стигнале и продолжиле да го тепаат. Според очевидци, тие го удирале по глава додека не престанал да се движи, а потоа побегнале.

Иако медицинските екипи пристигнале брзо, човекот не можел да се спаси. По два часа полицијата успеала да ги лоцира и уапси осомничените за убиството, а тие на распитот наводно го признале делото и биле приведени.

Шпанија не дозволи брод со 27 тони експлозив за Израел да запре во нивно пристаниште

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Албарес ги потврди извештаите дека бродот Marianne Danica превезувал оружје во Израел и дека побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Тој рече дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Шпанија да го забрани извозот на оружје во Израел од почетокот на војната во Газа во октомври.

„Одбивме да му дозволиме да се закотви и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што носи израелско оружје што сака да се закотви во шпанските пристаништа“, рече Албарес.

Бродот превезувал речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија, објави Ел Паис. H. Folmer & Co. Компанијата која управува со бродот, не одговорила веднаш на барањето за коментар. Извештаите доаѓаат во време на спор меѓу владејачките социјалисти и нивните тврдолеви партнери околу дозволувањето транзит на бродови со оружје до израелските пристаништа.

Најочекувана премиера во Кан: Филмот за „Лудиот Макс“ доби шестминутни овации (ВИДЕО)

Филмот Furiosa: A Mad Max Saga беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал. Во него, меѓу другите, играат и Крис Хемсворт, Ања Тејлор-Џој и Том Бурк.

Се чинеше дека публиката го очекуваше новиот акционен филм, а екипата доби неверојатни шестминутни овации. Ања беше пресреќна од реакцијата на толпата, додека Крис изгледаше многу емотивно.

„Работевме многу напорно на овој филм и ќе биде интересно да видиме што ќе направите од него. Ви благодариме“, изјави режисерот Џорџ Милер по премиерата.

Тој филм беше една од најочекуваните премиери на овогодинешниот Кан. Снимањето се одвиваше во Австралија, почнувајќи во јуни 2022 година и заврши во октомври. Пристигнува во кината на 23 мај. Ворнер Брос се надева дека филмот ќе го израмни или ќе го надмине резултатот постигнат од Mad Max: Fury Road.

Furiosa: A Mad Max Saga е постапокалиптичен акционен-авантуристички филм од 2024 година, копродуцент и режиран од Џорџ Милер. Тоа е петтиот дел од франшизата Mad Max, кој служи и како спин-оф и како приквел на Mad Max: Fury Road.

Приказната се одвива 15 до 20 години пред настаните на Mad Max: Fury Road. Ања ја отелотвори помладата верзија на воинката Фуриоза, која првпат ја среќаваме во Fury Road, каде што ја глумеше Шарлиз Терон. Фуриоза била киднапирана од нејзиното идилично село како дете и пораснала со киднаперите, Лорд Дементус (Крис Хемсворт) и Имортан Џо (Лачи Хулм). Младата воинка се заколнала дека еден ден ќе им се одмазди на луѓето кои ѝ го уништиле животот.

Тејлор-Џој во интервју за Бјукенан изјави дека знаела дека снимањето ќе биде тешко, но дека не била подготвена за она што ја чекало. Иако не сакала да навлегува во детали, актерката изјави дека ѝ биле потребни две години да се опорави по завршувањето на снимањето на Фуриоза.

„Никогаш не сум била поосамена отколку на снимањето на тој филм“, објаснила актерката, пренесува The New York Times. „Не сакам премногу да навлегувам во тоа, но сè што мислев дека ќе биде лесно, беше тешко.“

Продуцентот и долгогодишен соработник на режисерот Џорџ Милер, Даг Мичел, откри дека Фуриоза има една акциона секвенца која трае 15 минути и е снимена во текот на 78 дена. Во снимањето учествувале 200 каскадери, а тајното име на сцената било Stairway to Nowhere.

„Џорџ и јас имавме опширни дискусии за тоа зошто оваа конкретна сцена беше толку долга“, рече ѕвездата на филмот Ања Тејлор-Џој. „Тоа е долго затоа што гледаме акумулација на вештини за време на битката, и тоа е навистина важно да разбереме колку Фуриоса е снаодлива и храбра. Тоа е најдолгата секвенца што некој од нас некогаш ја снимил. На последниот ден од снимањето, сите добивме шише вино“.

притисни ентер