Ретро моделите беа во мода на почетокот на милениумот, но денес само неколку преживеаја на пазарот. Најчесто тоа се мали автомобили, како што се Фиат 500 и Мини, додека поголемите ретро модели генерално не доаѓаат до клиентите.
Тоа добро го знаат во Фолксваген, а и првиот човек на компанијата, Томас Шефер, е многу јасен за тоа.
Неодамна, на идејата за враќање на Буба во игра, тој рече:
„Не би имало смисла да ја вратиме, бидејќи носталгијата е ќорсокак“.
Шефер додаде дека „има одредени возила кои си ги поминале своите денови“, навестувајќи дека Буба ќе биде вратена во историските книги.
Идејата за нова електрична Буба е оживеана откако Фолксваген го претстави автомобилот за серијата на Нетфликс „Miraculous: Ladybug & Cat Noir“ овој месец.
Автомобилот е виден на промоција, но тоа не значи дека Фолксваген планира уште еден ретро модел, што сега е потврдено.
Шефер за „Autocar“ изјави дека Буба евентуално би можел да се врати во иднина, но дека од сегашната позиција воопшто нема да размислува за тоа.
Тој додаде дека истото важи и за Широко бидејќи компанијата треба да „инвестира пари на најдобар можен начин“.
Интересно е што ваквите одлуки не значат дека историските имиња ќе исчезнат. Шефер на тој начин рече дека нема да се откаже од некои традиционални имиња кои траат со децении и во кои се вложува со години, како Голф и Тигуан.
Тој потврди и дека компанијата работи на развој на нова номенклатура, за која засега е само сигурно дека нема да има место за Артеон.