Фото: Како ќе изгледа новиот „Renault 5“

Легендата дефинитивно се враќа, како ретро електричен модел.

Само неколку дена откако на социјалните мрежи почнаа да кружат фотографии од маскираната „петка“, Рено одговори со објавување на фотогалерија од возилото за претпродукција.

На фотографиите моделот е „камуфлиран“ со црна фолија, со дополнително нагласени линии во црвена и жолта боја.

Сега нема сомнеж, компанијата одлучи да ги задржи во поголема мера карактерните линии на оригиналот, односно концептот претставен во 2021 година.

Секако, сега кога моделот е блиску до производство, пристигнаа и конвенционални детали како рачки на вратите, поголеми ретровизори и малку редизајнирани браници.

Нова е и графиката на LED светлата, но важно е дека новиот модел ќе го задржи препознатливиот изглед на првите две генерации на легендарната „петка“.

Новиот „R“5 се очекува да биде долг под четири метри, што го прави малку пократок од „Clio“.

Од друга страна, електричниот погон ќе придонесе за поголема просторност во кабината, па „R5“ на крајот би требало да влезе во просекот на Б сегментот.

Најголемата непозната засега е внатрешноста. Се поставува прашањето дали „Renault“ ќе ги користи постоечките решенија или има подготвено сосема нов стилски израз за „R5“.

Новата „петка“ ја користи механичката платформа „CMF-BEV“, која ќе ја дели со новиот „Nissan Micrа“. Електромоторот поставен напред произведува 136 КС, а во комбинација ќе се нуди со батерија од 40 kWh или над 52 kWh на подобро опремените верзии кои ќе имаат автономија од 400 km.

Во Техноцентарот на компанијата „Renault“ во близина на Париз ќе се произведуваат 60 примероци од претпроизводството на „R5“, а потоа, по оптимизацијата на производствениот процес, ќе започне сериското производство во фабриката „Douai“ на северот на Франција.

Европското деби се очекува следната година, кога „R5“ ќе го замени сегашниот електричен модел „Zoe“ на пазарот. За почеток, би требало да чини помалку од 25.000 евра, што би го направило „Renault“ подготвен да го пречека својот иден ривал, „Volkswagen ID.2“.

Извор: Б92

Меси заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно

Годишната плата на Лионел Меси во Интер Мајами е 20,4 милиони долари, убедливо највисока во фудбалската лига, според податоците објавени во четвртокот од Здружението на играчи на МЛС.

Всушност, само три од преостанатите 28 тима во американското првенство трошат повеќе пари вкупно за плати отколку што Интер троши за осумкратниот освојувач на Златната топка.

Целата сметка за плати на Интер Мајами е 41,7 милиони долари, што значи дека 36-годишниот Аргентинец заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно. Поранешниот соиграч на Меси во Барселона, Серхио Бускетс е вториот најплатен соиграч со по 8,7 милиони долари, додека Жорди Алба и Луис Суарез заработуваат по 1,5 милиони долари по сезона.

Трите клуба кои имаат поголем буџет за плата од платата на Меси се Торонто, Чикаго Фајр и Нешвил. За надомест во Торонто одвојуваат 31,4 милиони долари, во Чикаго - 25,1 милиони и во Нешвил - 21,4 милиони.

Најмал буџет е тој на Сент Луис со 12 милиони долари, додека Солт Лејк и Сан Хозе трошат по 13,6 милиони долари на своите играчи.

Според податоците на Здружението на играчи на МЛС, јасно е дека втора најголема плата по Меси е играчот од средниот ред на Торонто, Лоренцо Инсиње, кој добива 15,4 милиони долари годишно. Трет е Бускетс, а веднаш по него Швајцарецот Џердан Шаќири. Во Чикаго добива 8,15 милиони долари.

Топ 5 го затвора бекот на Остин, Себастијан Дриуси со 6,72 милиони долари. /МИА

Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

 Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа.

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Во Кавадарци работилница „Соработка на локалната самоуправа со народниот правобранител“

Во Кавадарци работилница „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните".

„Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните" е темата на работилницата што денеска се реализира во просторите на Општина Кавадарци. Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека соработката на релација народен правобранител - локална власт е од суштинско значење и игра голема улога, пред се во остварувањето на ефикасна заштита на правата на граѓаните. Таа е, нагласи, од суштинско значење и затоа што токму голем број на ингеренции во сферата на урбанизмот, а кои значат создавање на претпоставки за хуман живот, уредување на просторот, живот во чиста животна средина, управување со отпадот, потоа процесот на образованието, како значајна алка во развојот на децата и низа други работи, се во ингеренции на локалните власти.

- Сосема сум свесен за потешкотиите со кои се соочуват најголемиот број на општини како немањето на доволно средства, но и кадар за справување со проблемите кои ги имаат граѓаните на локално ниво, затоа низ овие средби сакаме да поттикнеме дебата и да утврдиме кои се слабостите и како истите може да ce надминат, ce со цел децентрализацијата навистина да ги даде очекуваните резултати, а со тоа граѓаните да добијат администрација која ќе биде нивен вистински сервис. Како потврда на ова што го кажав се и дел од препораките на народниот правобранител дадени во извештајот за 2022 и 2023 година, истакна тој.

Притоа посочи дека вo делот урбанизам, народниот правобранител препорачува локалните власти благовремено да започнуваат постапка за вработување на градежни инспектори, затоа што практиката за склучување на меѓуопштински договор за соработка во оваа област, се покажала како нецелосно ефикасна и недоволна, за да овозможи професионален одговор на потребите на граѓаните од две општини.

Народниот правобранител, подвлече, исто така препорачува, локалните власти да ангажираат поголем број на човечки ресурси кои ќе работат на предметите за добивање на правен статус на бесправно изградени објекти, затоа што неприфатливо e се уште да има нерешени предмети од 2011 година, имајќи предвид дека законскиот рок за конечно завршување на овој процес изминува за три години.

Во делот животна средина, народниот правобранител препорачува локалните власти, најпрво и веднаш, да преземат ефикасни дејствија во насока на вработувања на доволен број овластени инспектори за животна средина, а стратегиите, акциските планови и програми, кои ги носат за зачувување на здрава животна средина на нивните територии, да започнат фактички и да ги реализираат.

- Што однесува до соработката на народниот правобранител и Општина Кавадарци, со задоволство можам да кажам дека е на високо професионално ниво, поради што оваа Општина е позитивен пример на соработка помеѓу институцијата и локалната власт. Во 2023 година од граѓаните на општина Кавадарци имаше 30 претставки од скоро сите области, од урбанизам, детски права, правосудство, работни односи, полициски овластувања, финансии и така натаму, а во првите четири месеци од оваа година има 17 претставки, доминираат тие од областа граѓански состојби, но се разбира има и од другите области, рече Зибери.

Во изјава за медиумите, тој ги пофали транспарентноста и отчетноста во Кавадарци и го истакна податокот што беше посочен на работилницата, дека од 15 илјади предмети во врска со постапување со бесправно изградени објекти во општината, 14.500 се веќе решени позитивно а останатите се во постапка. И тоа во постапка не поради непостапување на службите, туку поради проблеми во имотно - правните односи на подносители на барања. Тој ги пофали и податоците во областа детски права и образование, лица со попреченост.

Градоначалникот на Општината Кавадарци, Митко Јанчев ја поздрави соработката со канцеларијата на народниот правобранител и нагласи дека секогаш и редовно одговараат на евентуални претставки од граѓани, изнаоѓајќи решенија за евентуални проблеми.

Во дискусијата се вклучија и претставници од невлaдиниот сектор.

притисни ентер