Германците сепак ќе попуштат- се воведува ограничување на брзината на автопатите

Долго време се дебатира за ограничувањата на брзината на германските автопати.

Сè уште нема ограничувања за некои делници, но тоа може да се промени. Се чини дека ограничувањето на брзината (најверојатно 130 km/h) може да се наметне од климатски причини.

Пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург, врз основа на тужбата на здружението за заштита на потрошувачите Deutsche Umwelthilfe и здружението за заштита на животната средина БУНД, практично ја задолжи федералната влада да донесе итни мерки за поголема заштита на квалитетот на воздухот во сообраќајот и домувањето, меѓу кои е и ограничувањето на брзината на автопатите. Владата ја обжали пресудата, но прашање е дали ќе биде успешна.

„Судската одлука го отвори патот за идните ограничувања на брзината на германските автопатишта“, изјави за Т-онлајн Јирген Реш, директор на Deutsche Umwelthilfe. Ова може да заштеди најмалку единаесет милиони тони CO₂ годишно. Реш е убеден дека воведувањето ограничувања на брзината е незапирливо. Се проценува дека ограничувањето на брзината ќе биде воведено најдоцна во 2025 или 2026 година.

Владејачката коалиција не е единствена. Додека либералите (Слободна демократска партија или ФДП) се против ограничувањата на брзината, Зелените се силни застапници. Неодамнешното истражување покажува дека 57% од Германците сакаат ограничување на брзината на автопатите.

Манчестер сити го победи Тотенхем и дојде на чекор до трофејот во Премиер лигата

Манчестер сити синоќа на гостински терен го совлада Тотенхем со 2:0 во одложениот натпревар од 34. коло на Премиер лигата.

Двоен стрелец беше Ерлинг Халанд. Норвежанецот го отвори резултатот во 51. минута и реализираше пенал во првата минута од судиското надополнување.

Голманот на Манчестер сити, Едерсон се повреди на половина од вториот дел. Тој беше заменет со Стефан Ортега во 69. минута.

Манчестер сити со 88 бода се искачи на врвот на табелата во Премиер лигата престигнувајќи го Арсенал кој има 86 бода.

Во последното коло „Граѓаните“ на домашен терен ќе го пречекаат Вест Хем, а „Топџиите“ на домашен терен ќе играат со Евертон. Двата натпревари ќе се одиграат на 19 мај.

Тотенхем со 63 бода останува петти во поредокот. Во последното коло избраниците на Анже Постекоглу ќе се сретнат со Шефилд јунајтед.

Прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ

По одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за изборните резултати, дел од коалициите најавија жалби до Управниот суд. 

Од 27 приговори што беа поднесени од партиите и коалиците, ДИК прифати седум, шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени, а во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Против одлуката на ДИК, како што информираа оттаму вчера, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ вчера најави дека до Управниот суд ќе ги обжали донесените одлуки за приговорите што се однесуваат за Петтата и Шестата изборна единица.

- Веќе ги алармиравме сите надлежни институции и меѓународниот фактор бидејќи имаме точни информации дека во петокот преку политички притисок им биле дадени партиски инструкции на членовите на Државната изборна комисија од нивното седиште. Нагласуваме дека овие дејствија претставуваат кривични дела и „Европскиот фронт“ ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги искористи сите демократски форми за заштита на слободниот глас на граѓаните. Во таа насока, веднаш по донесувањето на одлуката истото ќе го обжалиме и до Управниот суд, рече на прес-конференција Елми Азири од „Европски фронт“.

Азири оцени дека „донесената одлука за прегласување на некои избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица е неправедно и со надгласување како во времето на едноумието“.

Од коалицијата „Храбро за Македонија“, пак, тврдат дека „од три избирачки места им се украдени повеќе од 600 гласови во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Најавија тужба до Управниот суд, како и кривична пријава против претседателот на ДИК Александар Даштевски, а не е исклучена, како што нагласија, и кривична пријава против ДИК.

Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски изјави дека во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК и оти не поднеле приговори..

- Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор, рече Јакимовски.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада и се очекува денеска да ја одржат првата средба.

Од „Влен“ за МИА потврдија дека работните групи од двете партии денеска ќе ја одржат првата средба и најавија дека имињата на претставниците во работните групи ќе ги споделат преку соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во саботата ги договорија општите начела за соработка и таа ќе се базира на три постулати - евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ - Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата „Влен“ 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

Почнува 13. Самит „Македонија 2025“

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Стратешко лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии, се темите во фокусот на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025, кој ќе се одржува од денеска во Скопје, во организација на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“.

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Покрај промените што ги носи дигиталната трансформација во општествата и во водењето на бизнисите, на Самитот ќе се дискутира и за моќта и потенцијалите на вештачката интелигенција и искористување на дигиталните здравствени иновации за унапредување на медицинските услуги во Југоисточна Европа. Демократијата, слободата на говорот во ера на дигитализација исто така ќе бидат дел од темите на Самитот Македонија 2025, како и многу други теми поврзани со бизнис моделите и стратегиите за брз и успешна трансформација.

Организаторот најави дека на отворањето на Самитот Македонија 2025 ќе се обратат и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025 и Мајкл Чкламовски претседател на Одборот на директори на организацијата. На затворањето на Самитот Македонија 2025, соопштија организаторите, ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој се очекува да биде и иден мандатар за составување на новата Влада.

Главна цел на Самитот Македонија 2025 е поврзување и споделување на знаења и искуства помеѓу професионалците од различни земји и области, во функција на раст. Ќе има можност за вмрежување и остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.

-Ќе порачаме дека ние како организација сме спремни и отворени за поддршка на новата влада за постигнување на повисоки стапки на раст од 5 или 6 проценти и за начинот како да дојдеме до тоа, изјави извршната директорка Мојсовска Блажевски.

Во пресрет на Самитот, „Македонија 2025“ организираше предавања на високообразовни институции, работилници во коморите и во компаниите со совети како да растат бизнисите, како и средби со државни институции во областа на дигтализацијата, економијата и привлекување на инвестиции, како и со политичките партии.

притисни ентер