Гори букова шума над Горно Јаболчиште во oпштина Чашка

Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни.

Пожар избувнал синоќа во 23 часот на отворен простор кај селото Горно Јаболчиште во општина Чашка, гори букова шума, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму веднаш пратиле известување до ЈП „Национални шуми“ подружница „Бабуна“ од Велес, од каде што добиле одговор дека ќе упатат вработени кон пожарот за да го гаснат.

Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни.

Пожарот над село Селце, што гори од 11 април, сѐ уште е активен и покрај тоа што на терен гаснеле два хеликоптера од МВР и ренџерите од Национален парк „Шар Планина“ со 10 лица, а и четири пожарникари од ТППЕ - Тетово.

- Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вчера беше и на терен. Нема опасност за соседното селото Лавце. Пожарот е далеку и од други објекти или населени места. Хеликоптерите престанаа со гасење по 16 часот, а и повеќето од луѓето беа повлечени. На терен останаа дежурни неколку ренџери од Национален парк „Шар Планина“, кои дежураат за секој случај. Повторно екипите интервенираат од утрово. Активни пожари има во село Гургурница, општина Брвеница, помеѓу селата Сретково и Церово, кај одморалиштето „Бунец“, општина Маврово - Ростуше, а и кај селото Горјане, општина Врапчиште, информираат од ЦУК.

Според Регионалниот ЦУК - Скопје, вчера во 11.12 часот имало пријава за пожар во месноста „Темна Бука“, кон Китка, Кадина река 2 во општина Студеничани, се додава во соопштението, каде што гори многу високостеблена борова шума.

- Екипите од ЈП Национални шуми подружница - „Караџица“, вчера известиле дека се на терен и дека интервенираат, а во 07.45 часот добиле пријава за пожар во село Црвена Вода, општина Студеничани, каде што вработени од подружницата „Караџица“ не интервенирале, заради тоа што за истиот оцениле дека „се задишувал“ и не постоела опасност од него, појаснуваат од ЦУК.

Регионалниот ЦУК Битола пак, информира дека активен е пожарот над селото Острец, на Баба Планина, што започнал во седум часот на 14 април.

- Пожарот е на непристапен терен и не било во можност да интервенираат. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк „Пелистер“, пишува во соопштението.

Во ЦУК имало вкупно 1.998 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во последното деноноќие.

- Кон полиција биле упатени 61,22 отсто, кон Итната медицинска помош 29,17 проценти, кон пожарникарите 8,33 отсто, а кон АМСМ 0,32 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, се додава во соопштението.

Дали Хамас ќе ја прифати дарежливата понуда на Израел?

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ријад изјави дека се надева дека палестинското движење Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Појасот Газа.

„Хамас има понуда пред себе која е крајно, крајно дарежлива од израелска страна“, рече Блинкен на Светскиот економски форум, пренесува Тајмс оф Израел.

Тој нагласи дека Хамас мора брзо да донесе одлука за понудата.

„Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен.

Делегација на Хамас денеска престојува во Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Во саботата, висок функционер на Хамас, Калил ал-Хаја, рече дека групата го разгледува предлогот на Израел, но не даде детали.

Тој истакна дека понудата на Израел за примирје е одговор на предлогот на Хамас испратен пред две недели.

Светските медиуми објавија дека предлогот предвидува примирјето, доколку биде склучено, да биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“.

Хамас би ги ослободил заложниците во замена за неколкунеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.

Разговорите се во застој за двете главни прашања, Хамас бара израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и детали за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори.

Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително и повлекување на силите кои го преполовија Појасот Газа и дозволувајќи им на жителите да се вратат на север.

Блинкен денеска отпатува за Саудиска Арабија, каде една од темите на разговор ќе биде војната меѓу Израел и Хамас и повоената иднина на Газа.

Шефот на американската дипломатија ќе разговара со саудиски претставници во Ријад, а ќе има средба и со министрите за надворешни работи на Советот за соработка на арапските држави од Персискиот залив.

Тој ќе се сретне со министрите на Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, како и со палестинската управа.

По Саудиска Арабија, Блинкен ќе ги посети Јордан и Израел.

Тренчевска: До 2028 година 70% од децата ќе бидат вклучени во предучилишно воспитание

Ко-носителката на листата за пратеници, Јованка Тренчевска на изборната единица број 4 на СДСМ од вечерашната трибина во Неготино порача дека пораката која граѓаните ја испраќаат е примена.

Ко-носителката на листата за пратеници, Јованка Тренчевска на изборната единица број 4 на СДСМ од вечерашната трибина во Неготино порача дека пораката која граѓаните ја испраќаат е примена, но дека знае дека градењето на систем е многу поважно за граѓаните отколку само популистички мерки кои не оставаат долготрајни траги во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните!

„Во 2016 година затекнавме детска заштита со опфат на деца во градинките од само 25%, куп лажни ветувања и сон за брза изградба на 100 градинки од нашите политички опоненти. Од 2017 година до денес, владата предводена од Социјал-демократскиот сојуз отвори 84 нови градинки и опфатот на деца го зголеми на 48%! Вие сте сведоци на нашето вложување во Неготино, во градинката „Фемо Кулаков“, објектот „Темјанушка“ каде инвестиравме и ги зголемивме капацитетите овозможувајќи детска заштита за дополнително 161 дете“ рече Тренчевска објаснувајќи ги заложбите на СДСМ за унапредување на детската заштита.

Таа посочи дека до 2028 година опфатот на деца во предучилишно воспитание и образование ќе се зголеми на 70% и дека патот кон исполнување на таа цел ќе се потврди со отворањето на 14 нови градинки во 2024 година!

Тренчевска истакна дека покрај влогот во најмладите СДСМ вложува и во највозрасните!

„Инвестираме во државни старски домови. Во поголеми пензии. Најниска пензија 20000, просечна 30000 денари. Поголеми плати. Минимална плата 36000 денари, просечна плата 67000 денари. Пoголеми права од социјална и детска заштита за 30%. Нови услуги за највозрасните достапни во сите 81 општина“ изјави Тренчевска.

На крај таа повика сите граѓани да ја заокружат опцијата со број 1 на изборите, затоа што нема друг начин Македонија да чекори напред, се наведува во партиското соопштение.

Ролинг Стоунси ја започнаа американската турнеја со распродаден концерт во Хјустон (ВИДЕО)

Легендарната рок група Ролинг Стоунс вчера со концерт во Хјустон ја започна својата турнеја во Северна Америка.

Според американските медиуми, обожавателите на Стоунс патувале од различни американски градови за да го видат еден од најголемите бендови во историјата на рок музиката, загрижени дека ова би можело да биде нивната последна турнеја, пренесува Ројтерс.

Настапот на Стоунс во Хјустон беше првиот од 16-те претстави што бендот ги планираше низ САД и Канада до јули оваа година.

Британскиот рок бенд, кој беше формиран пред повеќе од шест децении, го отвори своето шоу во Хјустон со песната „Start Me Up“, а фронтменот на бендот, 80-годишниот Мик Џегер, се прошета на сцената во јакна на пруги и сива кошула со светки.

Со Џегер, на сцената излегоа Кит Ричардс (80) и Рони Вуд (76), преживеаните членови на јадрото на Стоунси.

притисни ентер