Грета Тунберг казнета поради протести во Стокхолм

 Шведската климатска активистка Грета Тунберг (21) е казнета поради протести во Стокхолм и судот и наредил да плати казна од 6.000 шведски круни (512 евра).

Тунберг е обвинета дека ги игнорирала полициските наредби да ги напушти двата протести пред шведскиот парламент во март, на кои се повикуваше на акција за климатски промени.

Активистката беше обвинета по две точки за граѓанска непослушност, а таа на суд ги отфрли обвиненијата.

- Не сакав да го напуштам протестот поради климатската вонредна состојба, а во вонредна состојба сите имаме должност да дејствуваме. Сегашните закони ги штитат екстрактивните индустрии наместо да ги штитат луѓето и планетата, рече 21-годишната активистка во судницата.

Во март, Тунберг учествуваше во серија повеќедневни протести кои вклучија неколку блокади на главниот влез на зградата на шведскиот парламент. На 12 и 14 март полицијата ја отстрани активистката од местото на настанот, откако таа одби да го напушти теренот.

Политичарите сепак можеа да влезат во зградата на парламентот преку споредните влезови. Шведските судови веќе двапати ја казнија Тунберг поради граѓанска непослушност за време на протести за климата.

Движењето „Петоци за иднината“ настана откако Тунберг, која тогаш имаше само 15 години, не одеше во училиште во петок во август 2018 година за да организира протест пред шведскиот парламент, држејќи натпис на кој пишуваше „Skolstrejk för klimatet“ („Штрајк на училиштата за климата“).

Кои се другите жртви што загинаа во хеликоптерската несреќа со Раиси

Неколку високи ирански функционери, исто така, загинаа заедно со иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во шумата Дизмар, лоцирана меѓу градовите Варзакан и Џолфа во провинцијата Источен Азербејџан.

Покрај Раиси, загинаа иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на Источен Азербејџан Малек Рахмати, претставникот на иранскиот врховен лидер во Источен Азербејџан Мохамад Али Але-Хашем, шефот на претседателската гарда Мехди Мусави, пилотот на хеликоптерот, копилотот и екипажот.

Раиси и неговите сопатници се враќале од настан со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Најмногу дожд во Берово

Изминатото деноноќие најмногу дожд наврнал во Берово, 14 литри на метар квадратен, а најмалку во Крива Паланка, Крушево, Маврови Анови и Гевгелија, еден литар на единица површина.

До 08:30 часот се измерени и 8 литри на метар квадратен во Лазарополе, 7 во Штип, 3 во Струмица, како и 2 во Куманово, Битола, Демир Капија и Кавадарци.

Според УХМР, утрово е најсвежо на Попова Шапка и во Лазарополе, 10 степени целзиусови, а максимални 18 степени е во Тетово и Скопје-Зајчев Рид.. Единаесет степени е во Берово, 12 во Маврови Анови, 13 во Крушево и Крива Паланка, 14 во Битола и Охрид, 15 во Прилеп, Виница и Струмица, 16 во Штип, Дебар, Кавадарци и Претор, како и 17 степени во Дојран, Велес, Куманово, Демир Капија, Гевгелија и Скопје-Петровец,

Во текот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Максималната температура ќе достигне 26 степени.

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста.

Во организација на платформата „За тебе“ за првпат на 28 мај, во Скопје ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

Новооформената платформа „За тебе“, како што наведуваат организаторите, се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста - жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка... вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар.

Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“.

Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.

„Хрватски гитарски квартет“ ќе настапи на 28 мај во 20.30 часот на големата сцена во Филхармонијата.

притисни ентер