Груби: Тргањето на маските беше само еден момент, поради фотографирањето

Сликата што ја објави Османи беше само еден момент - за заедничка фотографија, при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети.

Фотографијата на која се гледа како петнаесетина функциониери од редовите на ДУИ, седат еден до друг, без маски и дистанца била направена само како мало изненадување за да го овековечат 62 роденден на лидерот на партијата Али Ахмети, вели за Канал 5 вицепремиерот и министер Артан Груби. Маските ги тргнале само за момент, инаку ги почитувале протоколите, тврди тој.

Но, освен оваа фотографија, која на Фејсбук ја објави министерот Бујар Османи, како и на таа на која Ахмети сече торта без заштитна опрема, жестоки критики во јавноста предизвика и тоа што роденденот се прославува во просториите на новата зграда Министерство за политички систем. За ова Груби вели дека традиција било вакви настани да се организираат во државни институции.

„Настанот се организира на првиот работен ден во новата година и според протоколите. Сликата што ја објави Османи беше само еден момент – за заедничка фотографија, при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети, слично како и минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство. Протоколите првенствено ги почитуваме за нашето лично здравје и за нашите семејства, како и за граѓаните“,- вели Груби, кој воедно ни испрати и неколку фотографии, од свеченото пуштање на новиот објект на мнинистерството, како доказ дека се почитувале мерките за заштита од вирусот.

Шефот на дипломатијата, Османи, кој по негативните реакциии ја избриша фотографијата од фејсбук, истот така тврди дека нема ништо спорно во случајот.

За фотографијата освен граѓаните на социјалните мрежи, реагираше и опозициска ВМРО-ДПМНЕ. Оценија дека станува збор за досега незапамтен јавашлук и рашомонијада со државните ресурси и побараа казни за министрите на ДУИ за неносења на маски. Од партијата пред неколку дена забележаа и зошто Заев и Филипче возат мотори без маски и дистанца.

На социјалните мрежи пред Нова година, лидерот на партијата Христијан Мицкоски, објави фотографија на која исто така се гледаат десетина луѓе кои не носат маски и не ја почитуваат препорачаната дистанца, но иако побаравме, објаснување зошто не се почитувале мерките, до објавување на прилогот не добивме.

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. /МИА

Во Украина стапи во сила законот за мобилизација

Во Украина денеска стапи во сила оспоруваниот закон за мобилизација, јавија светските агенции

Ова, како што наведуваат агенциите, се случува во момент додека Киев се обидува да го зголеми бројот на украински војници откако Русија започна нова офанзива која, според аналитичарите, може да ги доближи руските сили до вториот по големина град во Украина.

Законот ќе го олесни идентификувањето на секој регрут во земјата. Таа, исто така, обезбедува стимулации за воениот персонал, како што се парични бонуси или пари за купување дом или автомобил, што според некои политички набљудувачи, Украина не може да си ги дозволи.

Пратениците одложуваа со месеци и го усвоија законот во средината на април, една недела откако Украина ја намали возраста за повикување на воена служба од 27 на 25 години. /МИА

Едно лице загина, а шест се повредени во судири во либискиот град Завија

Најмалку едно лице загина денеска, а шест се повредени во жестоки судири во западниот либиски град Завија.

Учесниците во судирите биле повикани на прекин на огнот за да се спасат семејствата заробени во зоната на конфликтот, јави либиската телевизија Алахрар.

Али Ахнеш, шеф на огранокот на Црвената полумесечина Завија, изјави за телевизијата дека 10 семејства се евакуирани и повика на „прекин на огнот за евакуација на семејствата лоцирани во областите каде што се случија судирите“.

Волонтерите на Црвената полумесечина добија повици од семејства во конфликтните области кои бараа да бидат евакуирани, рече тој.

Засега не се знае кој учествувал во судирите ниту зошто дошло до судирите.

Либија е зафатена од немири по соборувањето и бруталниот атентат на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година./МИА

притисни ентер