Гудиќ: Македонија поканета да се приклучи во „Спортските игри за млади“

Македонија е поканета да се приклучи во најголемата манифестација во рамки на аматерскиот спорт во Европа, за учениците од основните училишта, информира извршниот директор на Регионалната организација на „Спортските игри за млади“ Тихомир Гудуќ.

Тој нагласи дека промовираат дружење, негување на вистинските вредности, спортски активности и фер плеј, толеранција и почитување на различностите. Појасни дека уште од првите игри до денес, апсолутно се за децата е бесплатно, а право на учество има секое дете.

- Програмата на игрите дава можност на сите кои сакаат да се дружат и уживаат во спортските активности. Учесниците можат, но не мораат да бидат активни спортисти. Доволно е да се вљубеници во здравиот начин на живот, да имаат желба да се дружат со нас, да ги пробаат своите можности во некоја спортска дисциплина. Токму затоа Игрите се алтернатива на сите негативни трендови на секојдневието, вели Гудиќ.

Делегација од „Спортските игри за млади“ на почетокот на минатиот месец се сретна со премиерот Зоран Заев. На средбата биле претставени планот и иницијативата за развоја на „Спортските игри за млади“ и на територијата на Република Македонија, а била упатена директна покана до премиерот за пристапување и приклучување кон регионалниот СИМ проект.

- Многу сум задоволен од состанокот и средбата со премиерот Заев, кој е човек со голема и позитивна енергија. Веќе на прв впечаток ги препозна сите предности на СИМ проектот. Ја почитувам неговата борба и се она што го направи за Република Македонија. Ме воодушеви со тоа што искрено го сака спортот, како и со фактот дека е тимски играч. Многу е ефикасен, односно да се изразам со вистинскиот збор, тој е човек од акција. Ја уважува и почитува секоја професија имајќи предвид дека веднаш пристапи оперативно на разработка на планот во присуство на своите соработници, директорот на Агенцијата за спорт и млади Дарко Каевски, како и специјалниот советник за спорт во Владата Даниел Димевски, кои исто така оставија поволен впечаток на членовите на нашата делегација. Тимот на премиерот со нас сега работи на подготовка на планот, потребите и можностите, нагласи Гудиќ.

Доколку дојде до покренување на проектот, како што вели, постои можност првиот човек на СИМ за Македонија да биде поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Наумче Мојсовски. Гудиќ нагласи дека се направени прелиминарни разговори со него, а тој ја прифатил поканата.
Во рамки на „Спортските игри за млади“ се организираат натпревари во десет спортски дисциплини: мал фудбал, одбојка на песок, уличен баскет, одбојка, игри меѓу два огна, пинг-понг, тенис, атлетика и шах. И покрај тоа што се работи за аматерско спортување, натпреварите се организирани на професионално ниво, со сите пропозиции и со постојните правила за секоја спортска дисциплина.

„Спортските игри за млади“ се одржуваат веќе 22 години во Република Хрватска, осум во Босна и Херцеговина и пет сезони во Република Србија. Победниците на државните првенства во сите земји, во сите спортови ќе изборат пласман за учество на Големото меѓународно финале на „Спортките игри за млади“, кое по традиција се одржува секоја година во Сплит. Градот домаќин во Хрватска ќе нагости вкупно 1.300 дечиња, тренери, спортски работници и други гости.

Игрите се одржуваат под покровителство на владите на земјите во кои се реализираат.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер