Хамас ќе одговори на планот за примирје во Газа во Египет в понеделник

Висок функционер на Хамас изјави денеска дека групата ќе го даде својот одговор на последниот  предлог на Израел за прекин на огнот во Газа в понеделник во Египет.

„Делегација на Хамас предводена од Калил ал-Хаја утре ќе пристигне во Египет... и ќе го достави одговорот на движењето“ на израелскиот предлог за време на состанокот со египетските разузнавачи, рече функционерот кој одби да биде именуван во изјавца за француски медиуми.

Стано: ЕУ очекува новите власти на Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

Европската Унија очекува од новите власти во Македонија да покажат посветеност на европската иднина и да продолжат по успешниот пристапен пат, порача денеска главниот портпарол на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Ние очекуваме со нетрпение да соработуваме со новоизбраните власти во Македонија, и со претседателката, и со новата Влада, во помошта на земјата да продолжи со напредокот и да ги испорача очекувањата што ги постави ЕУ на пристапниот пат на С. Македонија, изјави Стано.

Запрашан какви чекори планира да преземе ЕУ доколку „новото раководство хипотетички продолжи да се однесува“ како на вчерашната инаугуративната церемонија на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Стано нагласи дека ЕУ искрено смета, очекува и верува оти новите власти на земјата „ќе продолжат да испорачуваат“ и затоа не би навлегувал во шпекулации „што или ако“.

- Тие имаат чист старт сега и имаат можност да ги убедат сите во Европската Унија дека се посветени на европската иднина на нивната земја и дека ќе продолжат по успешниот пристапен пат, додаде Стано.

Во врска со ставот на Европската Унија околу неупотребата на уставното име на земјата од страна на Сиљановска-Давкова за време на вчерашната церемонија на нејзиното полагање заклетва, Стано потенцира дека тој јасно беше искажан во објавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Икс и во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

- Она што се очекува од Северна Македонија беше јасно посочено во најновиот Извештај за проширувањето од минатата есен. Извештајот вели дека во однос на регионалната соработка, земјата одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување и го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи. Постојните билатерални договори треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу С. Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги неговите протоколи. Тоа се очекувањата на ЕУ, додаде Стано.

Фон дер Лајен вчера во објава на Икс порача дека „за .Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е да продолжи со реформите и со целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

ЕЕАС пак посочи дека ЕУ изразува жалење поради фактот што новата претседателка на С.Македонија, Сиљановска-Давкова не го употребила уставното име на државата на церемонијата на полагањето заклетва.

- ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, беше посочено во вчерашната реакција на ЕЕАС.

Народна банка: Странските директни инвестиции годинава околу 3,6 проценти од БДП

Народната банка е внимателна во проекциите кога се работи за странските директни инвестиции па засега, за оваа година, предвидува нивното ниво да изнесува околу 3,6 проценти од БДП.

На среден рок, според проекциите, овие инвестиции би достигнале околу четири отсто.

Како што истакна денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, засега остварувањата се добри, но, сепак, треба да се следат и да се види која би била патеката во периодот што следи.

-Странските директни инвестиции по значајното забавување во пандемиската 2020 година, кога се сведоа на ниво од околу 1,3 отсто од БДП, покажаа значително опоравување, особено во 2022-ра и 2023-та кога во просек изнесуваа 4,4 проценти од БДП. За оваа година сме поумерени и попретпазливи во проекциите и овие поволни остварувања кои беа евидентни во изминатите две години не ги вградуваме во целост. Нашата проекција за оваа година е околу 3,6 проценти со патека која значи дека на среден рок би достигнале ниво од околу 4 отсто, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции.

Во однос на задолжувањето, гувернерката е децидна дека тоа, освен што треба да биде оправдано, најдобро е да се реализира преку извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови, како што се меѓународните финансиски институции. Но, ако има и други такви извори, и тие, напомена, треба да се земат предвид.

-Во услови кога меѓународните финансиски пазари се се уште затегнати и каматните стапки се се уште високи, клучно е да се задолжуваме кај извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови, а меѓународните финансиски институции вообичаено обезбедуват такви услови. Ако има и други извори кои би обезбедиле такви услови, треба да се земат предвид, истакна Ангеловска-Бежоска.

Кина и САД ќе се сретнат во Женева на тема вештачка интелигенција

 Соединетите држави и Кина ќе се сретнат во Женева во вторник за да разговараат за напредната вештачка интелигенција (АИ), објавија американските власти.

Владата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да се ангажира со Кина за голем број прашања со цел да ги намали тензиите меѓу двете земји, пишуваат британските медиуми.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја развија темата за вештачката интелигенција во април во Пекинг, каде што се согласија да ги одржат првите формални билатерални разговори на оваа тема.

Стејт департментот бара од Кина и Русија, како и САД, да усвојат декларации дека само луѓето, а никогаш вештачката интелигенција, ќе носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје.

притисни ентер