Проширувањето на земјите од Западен Балкан останува приоритет за Брисел, но напредокот на секоја држава ќе се вреднува одделно по принципот на заслуги, порача еврокомесарот Јоханес Хан, по денешниот работен појадок во Виена со премиерите на петте земји од регионот.
Според Хан, ниту една земја не треба да се надева дека ќе напредува во евроинтеграциите во пакет со другите. За претседавачот со Унијата, австрискиот канцелар Себастијан Курц, пак, главниот фокус за напредокот ќе биде ставен на три главни приоритети.
-Сметаме дека ЕУ единствено ќе биде комплетна кога земјите од Западен Балкан ќе бидат дел од ЕУ. Денеска имавме можност да се фокусираме на три важни прашања: прво, патот на регионот кон ЕУ, второ, неопходната регионална соработка и трето, решавање на билатерналните прашања во регионот, изјави Себастијан Курц, канцелар на Австрија.
-Важно е да се нагласи просперитетот на сите шест земји. Секако, целиот процес е заснован на заслуги и малку е веројатно дека сите шест земји ќе пристапат во ЕУ во исто време. Но, важна е перспективата на сите шест земји, зашто како што кажа Канцеларот, или ќе извезуваме стабилност и просперитет, или ќе внесуваме нестабилност, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.
Хан посочи дека Европската Унија во последните 10 години двојна ја зголемила трговската размена меѓу ЕУ и шесте западно-балкански земји, но оти треба да се подобри регионалната соработка за тој потенцијал да биде искористен. На работниот појадок присуствуваше Вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, откако премиерот Заев го откажа присуството поради актуелните политички случувања во земјава. Анѓушев рече дека фокусот на Македонија во изминетите месеци биле договорот за името со Грција и за добрососедство со Бугарија.
-Овој состанок денеска ја покажува длабоката посветеност на Австрија да не поддржи во евроинтегративниот процес. Македонија, во изминатиов период, беше посветеа во создавање добри релации со земјите од соседството, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
На средбата во Виена присуствуваа премиерите на Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина.