Пеформансот насловен како „Сонот на Ербер“ предизвика големо внимание кај јавноста, а започна од Музејот на Град Скопје.
Пет луѓе, трансформирани во џиновски фигури продефилираа по улица Македонија, предизвикувајќи насмевки кај присутните, а најмногу кај децата
Потоа, тие кратко време се задржаа на плоштадот „Македонија“, и прегрнувајќи ги уличните канделабри. Веднаш после тоа, се упатија кон плоштадот „Карпошово востание“ преку Камениот мост.
Таму, следуваше главниот магичен ритуал и преку музика, фигурите овозможија една ѕвезда да се издигне на небото.
Директорот на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел не го криеше задоволството што „Кидам“ се претставиле пред скопската публика.
Голем дел од присутните со насмевка го проследија перформансот. Велат, не очекувале ваков ритуал и посакуваат вакви настани да има што почесто во земјава во иднина.
-Убаво, убаво. Навистина интересна точка. Не очекував дека вакво нешто ќе се случи тука. Прекрасно изненадување, морам да кажам.
Инаку, француската театарска група „Кидам“ е основана во 1994 година, а имаат повеќе од 150 настапи годишно во повеќе земји. Во групата членуваат 27 уметници и техничари.
Спектаклот „Сонот на Ербер“ беше еден од дваесетина настани што синоќа се одржуваа на повеќе локации во Скопје во рамките на „Бела ноќ“.
Инаку, настанот го организираше Францускиот институт во Скопје по повод 50 години од своето постоење.