Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

Мицкоски од Тетово: Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста

 Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија.

„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.

„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.

„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.

Битиќи: Бидете патриоти, изберете европска иднина на соживот и плати од 1.300 евра

Битиќи истакна дека длабоко верува дека мнозинството од граѓаните не сакаат враќање 20 години назад во минатото.

„На 8-ми мај излезете на гласачките места и со заокружување на бројот еден да ги сочуваме темелите на државата, на демократските вредности, на внатрешната кохезија на етникумите и верските заедници. Бидете патриоти и изберете безбедна и европска иднина, каде ќе бидеме сплотени и ќе имаме просечна плато до 1.300 евра“, порача на денешните средби со жителите на Бутел и Чучер Сандево, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.

Битиќи истакна дека длабоко верува дека мнозинството од граѓаните не сакаат враќање 20 години назад во минатото, во заробена држава и поделено општество, во држава во која минималната плата изнесуваше под 10.000 денари.

„Гледате политичари кои дефилираат по митинзите со националистички пароли и пораки за изолација на државата. Но, уверен сум дека со вашиот глас за бројот 1 ќе ги замолчите, ќе им покажете дека вашата одлука е да имаме нова влада која ќе продолжи државата да ја води кон Европската унија, кон нејзините вредности, “ рече Битиќи и посочи дека СДСМ и коалицијата имаат програма која ќе ја исполни оваа мнозинска желба на граѓаните на Македонија.

Помеѓу другото, нагласи дека агендата на националистите е празна, а програмите им се полни со празни зборови, затоа нудат само несигурност и страв меѓу граѓаните.

„Знаеме дека патот до ЕУ е тежок, со многу пречки пред нас, но ЕУ е единствениот начин да ги смениме работите на подобро, во економијата, во образованието, во здравството.

Не смееме да се откажеме од европското семејство и да ги замолчиме националистите“, порача Битиќи.

Зборувајќи за мерките од предизборната програма на СДСМ, Битиќи посочи дека членството во ЕУ не само што ќе однесе посилна кохезија помеѓу различните етнички и верски заедници во Македонија, туку тоа ќе значи и подобар и поквалитетен живот за сите граѓани

„Пред вас излегуваме со конкретни верувања, за кои во минатото покажавме дека ги исполнуваме, а ќе ги исполниме и сега. Гарантирам е просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, кои со влезот во ЕУ проектираме да достигнат до 1.300 евра односно 800 евра“, им порача Битиќи на жителите на Бутел и Чучер Сандево.

притисни ентер