Израелците со двеминутно молчење им оддадоа почит на жртвите на холокаустот

Израелците денеска одржаа двеминутно молчење за жртвите на Холокаустот, 80 години по убиството на шест милиони Евреи од страна на нацистите во Европа и Северна Африка.

Сирените се огласија низ Израел точно во 10 часот по локално време за комеморацијата на загинатите Евреи во Втората светска војна.

Пешаците и возилата запреа на улиците и главните автопати, а возачите и патниците излегоа со наведнати глави, јавија израелските медиуми.

По двеминутно молчење, почна церемонијата во Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим по повод Денот на сеќавањето на жртвите.

Синоќа во Јад Вашем, на почетокот на одбележувањето на Денот на сеќавање на холокаустот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денес, како и тогаш, пред осум децении, доколку Евреите бидат принудени сами да се спротивстават на непријателот, Израел ќе го направи тоа.

- Пред осумдесет години во холокаустот, еврејскиот народ беше целосно беспомошен против оние кои тежнееја кон наше уништување. Ниту една земја не дојде да ни помогне. Денес повторно се соочуваме со непријател кој сака да не уништи, рече израелскиот лидер, алудирајќи на меѓународно спротивставување на воената операција во Рафа во Газа, закани со потерници од Меѓународниот кривичен суд во Хаг и критики за однесувањето на израелската армија во борбите на палестинската територија.

Нетанјаху рече дека нема притисок, одлука, меѓународен форум што ќе го спречи Израел да се брани. Тој го отфрли меѓународниот притисок да се запре војната во Газа.

- Како премиер на Израел, една и единствена еврејска држава, ветувам овде од Ерусалим на Денот на сеќавањето на холокаустот, ако Израел биде принуден да стои сам, Израел ќе застане сам, рече израелскиот премиер и оцени дека Израел не е сам затоа што безброј достојни луѓе ширум светот ја поддржуваат каузата на земјата.

Тој го спомена и американскиот претседател Џозеф Бајден, велејќи дека американскиот лидер е посветен на одговорноста научена од холокаустот.

- На Денот на сеќавањето на Холокаустот, жалиме за шесте милиони Евреи кои беа убиени во едно од најтемните поглавја во човечката историја, објави Бајден на X, додавајќи дека ја повторува својата посветеност на лекциите од Холокаустот и ветувањето за „никогаш повторно“.

Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих во Кан, облечена во фустан со бисери

Актерката Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал. Лонгорија присуствуваше на премиерата на „Kinds Of Kindness“, со Ема Стоун и Џо Алвин во главните улоги.

Таа носеше блескав фустан со бисери и кристали создаден од модниот дизајнер Ели Сааб. Голиот грб и деколтето го истакна со фустанот. Заедно со оваа модна комбинација, Лонгорија реши да ја обликува косата во светли бранови. Таа со својот изглед ги привлече сите погледи и внимание на фотографите.

Лонгорија на премиерата на филмот „Kinds of Kindness“ пристигна во друштво на нејзината колешка, актерката Ајшварија Раи Бачан, која исто така воодушеви од модната комбинација.

Ева привремено се сели во Шпанија со нејзиниот сопруг Хозе Бастон и синот Сантијаго, неодамна објави „ Page Six“.

„Таа ќе поминува многу време таму бидејќи има проекти за целата втора половина од годината“, изјави извор за „Page Six“.

Ева има шпанско државјанство и куќа во Марбела. Нејзиниот сопруг и таа купија викендица таму на почетокот на 2023 година. „Тоа е мојата оаза, мојот рај“, изјави актерката за време на интервјуто за „Hello!“ во јануари 2024.

„Кога не сум тука, работам без престан“, додаде таа.

Извор: Индекс.хр

Ројс го постигна својот 100-ти гол за Борусија на домашен терен во неговиот последен настап

Фудбалерот од средниот ред на Борусија, Марко Ројс постигна гол на денешниот натпревар од 34. коло од Бундеслигата со Дармштад, кој се играше на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.

Триесет и четиригодишниот фудбалер упати прецизен удар во противничкиот гол во 38. минута од натпреварот. Ова е негов јубилеен, 100. гол на домашните натпревари на Борусија.

Ројс имаше и асистенција на овој натпревар.

Германскиот играч за врска го одигра последниот натпревар со Борусија во Бундеслигата. Тој ќе го напушти тимот како слободен играч во јули. /МИА

Баер го победи Аугсбург и ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз

Баер попладнево оствари домашна победа над Аугсбург (2:1) во натпреварот од 34. коло на германскиот фудбалски шампионат.

За домаќините погодија Виктор Бонифас и Роберт Андрич, голот за Аугсбург беше дело на Мерт Комура.

Избраниците на Чаби Алонсо, кои рано станаа германски шампиони, Бундеслигата ја завршија непоразени, освојувајќи 90 бода. Серијата без пораз на Леверкузен во сите натпреварувања достигна 51 натпревар.

Аугсбург заврши 11-ти со 39 бодови./МИА

притисни ентер