Јавниот сервис на БиХ го укина сигналот на ентитетската телевизија поради неподмирени долгови

Сигналот на РТВ на Федерацијата Босна и Херцеговина беше исклучен за целата програма, освен за давање услуги за продукција на Дневник и вести.

Управниот одбор на државната радиотелевизија Радиотелевизија на Босна и Херцеговина (БХРТ) од денеска привремено ги укина услугите на ентитетскиот јавен радиодифузен сервис Радио-телевизија на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) поради, како што наведоа, неподмирени долгови.

Сигналот на РТВ на Федерацијата Босна и Херцеговина беше исклучен за целата програма, освен за давање услуги за продукција на Дневник и вести.

Во Босна и Херцеговина има три јавни радиодифузери - БХРТ, РТВ на Федерацијата на БиХ и РТВ Република Српска.

Законот за јавниот РТВ систем бара од субјектите радиодифузери да плаќаат дел од средствата што ги собираат од данокот на РТВ на нивната територија на сметката на БХРТ.

Тоа значи дека ентитетскиот јавен радиодифузен сервис е должен да плати на БХРТ 50 отсто од приходот од наплатата на надоместокот.

Според соопштението на БХРТ, долговите на РТВФБиХ кон овој радиодифузер изнесуваат повеќе од еден и пол милион марки (750.000 евра).

Бајден настапи пред дипломците на Морхаус колеџот во Џорџија

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

Претседателот на САД, Џо Бајден во денешното обраќање пред дипломците во Морхаус, високообразовна установа од Џорџија каде мнозинството студенти се афроамериканци, прати пораки од неговата предизборна кампања за зацврстување на врските со младите од етничките малцинства.

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

- Сакам сите да запаметите, кога не избраа први ни велеа дека нема да направиме ништо значајно. Но ние направивме се. Благодарејќи вам … Мошне многу ценам што ми дадовте можност за повторен настап тука, изјави претседателот во обраќањето до дипломците на Морхаус.

Тој говореше и за својот соперник на претстојните избор – поранешниот претседател Доналд Трамп.

- На овие избори многу е ставено на коцка, мошне многу. Станува збор не за мене, туку за алтернативата … Работата е во тоа што тој (Трамп) изложи што имено планира да прави (ако биде избран). И републиканците во Претставничкиот дом ќе кажат и моите колеги ќе кажат, што тие имено ќе прават ако победат, рече Бајден.

Колеџот Морхаус е основан во 1867 година како машки колеџ за школување на црномурести кои скоро биле ослободени од ропство. Еден од они кои дипломирале тука е и Мартин Лутер Кинг помладиот.

Морхаоус е голем град во Џорџија со има значајна улога во претседателската трка во 2024 година. Бајден овде во 2020 година стана првиот кандидат за претседател од Демократската партија кој доби поддршка од оваа држава по Бил Клинтон во 1992 година.

Бајден денеска попладне патува во посета на Мичиген, каде ќе учествува на настан организиран од Детроитски фонд за борба за слобода. /МИА

Алкалоид го освои трофејот во ракометниот Куп на Македонија

Ракометарите на Алкалоид се победници во Купот на Македонија, откако вечерва во финалето одиграно во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го совладаа фаворитот Еурофарм Пелистер со 25:23 по изведувањето пенали.

Ова е прв трофеј во својата куса историја за младиот тим на Алкалоид кој на завршниот турнир ги совлада најголемите две имиња во македонскиот ракомет, Вардар и Еурофарм Пелистер.

Во финалето двете екипи во повеќе наврати се менуваа во водство, највисокото беше четири голови разлика, за на крај победникот да биде решен по пенал-рулетот во кој се истакна голманот на скопскиот тим Иван Галевски.

Токму Галевски беше прогласен за најдобар голман на завршниот турнир, наградата за најдобар стрелец отиде кај Богдан Радивојевиќ, а за МВП Филип Кузмановски (двајцата од Еурофарм Пелистер).

Претходно во текот на денот, во женското финале, Ѓорче Петров го победи Чаир со 36:24. /МИА

Курти ѝ се пожалил на американската државна потсекретарка за заканите од Србија кон Косово

Курти ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава.

Косовскиот премиер, Албин Курти на денешната средба со потсекретарката за јавна дипломатија на Стејт департментот на САД, Елизабет Ален, која престојува во Косово, ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, Курти на средбата со Ален рекол дека „авторот и водач на терористичката и паравоена српска група“, која го изврши нападот во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Милан Радоичиќ, сè уште е на слобода во Србија.

Косовскиот премиер изразил и жалење што барањето на Косово за членство во оваа институција не е ставено на агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа за 17 мај.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија и за процесот на дијалог со посредство на Европската унија. По ова прашање премиерот Курти ја истакна важноста од целосно и безусловно спроведување на основниот договор и неговиот анекс. Во однос на патот на Косово кон евроинтеграциите, премиерот Курти изрази жалење што Комитетот на министри на Советот на Европа одби да го вклучи Косово во агендата за гласање на 17 мај, со оглед на тоа што Косово ги исполни сите критериуми за членство“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Во текот на разговорот, Курти ја запознал Ален со „случувањата во земјата, напредокот во владеењето на правото, социјалните политики кои ги поддржуваат жените и децата, реформите во образованието со цел поврзување на образованието со пазарот на трудот, како и политиките и инвестициите во енергетиката“.

Курти изјави дека САД се сојузник и историски партнер на Косово и очекува зајакнување на меѓусебните односи во иднина, особено на полето на економијата и трговијата.

Пред да се сретне со Курти, американската дипломатка, Ален претпладнево се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на САД и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави. /МИА

притисни ентер