Катовице: Во салата каде попладнево ќе заседава полската влада пронајден апарат за прислушување

Во салата во седиштето на Шлезискиот регион во Катовице, пред попладневната седница на чешката влада, откриен е и демонтиран апарат за прислушување, соопшти портпаролот на министерот координатор на полските безбедносни служби, Јацек Добжињски.

Службата за државна безбедност и Агенцијата за внатрешна безбедност ја демонтирале направата и покрената е истрага за тоа кој ја поставил.

Полската влада попладнево ќе одржи вонредна седница во Катовице бидејќи премиерот Доналд Туск и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се главни гости на меѓународниот економски форум во тој град на југот на Полска.

Владата нема „чувствителни“ теми на дневниот ред на денешната седница, најавено е дека ќе одлучува за помош на граѓаните за плаќање на енергетски производи и предлогот за Законот за дигитални комуникации со кој во полските закони се воведува кодот на Европската унија во таа област.

Гвардиола не планира наскоро да го напушти Манчестер сити

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола зборуваше за својата иднина во тимот.

- Имам договор и сакам да бидам тука. Мојот план е да останам во Манчестер следната сезона, изјави Гвардиола за „Мирор“.

Шпанскиот фудбалски стручњак го презеде Манчестер сити во 2016 година. Под негово водство тимот пет пати го освојуваше англискиот шампионат и еднаш Лигата на шампионите.

По 37 кола, во Премиер лигата води Манчестер сити со 88 бодови. Заостанувањето на второпласираниот Арсенал е два бода. Ливерпул (79) ги загуби шансите за евентуална шампионска титула. /МИА

„Билд“: Германското Министерство за одбрана бара од Владата уште 3,8 милијарди евра за Украина

Германското Министерство за одбрана побара од сојузната влада дополнителни 3,8 милијарди евра помош за Украина за оваа фискална година, пишува „Билд“.

Весникот наведува дека оваа година Германија обезбедила воена помош од 7,1 милијарди евра за Украина и дека овие пари се користат за плаќање на воена опрема што Украина ја купува директно од наменската индустрија и укажува дека на Украина и треба итно поголема поддршка за да не изгуби војната со Русија, поради што Министерството за одбрана побара дополнителни средства.

Министерот за одбрана Борис Писториус разговараше за тоа со канцеларот Олаф Шолц, а потоа се сретна со Кристијан Линднер, шеф на одделот за буџет во германското Министерство за финансии.

Дополнителните расходи треба во јуни да бидат поднесени до Бундестагот на усвојување, според „Билд“. /МИА

Тешка сообраќајка на „Водњанска“, повредени седум лица

Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар.

-Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил „БМВ“, автомобил „Ауди“, и две паркирани патнички возила „Голф“ и „Мерцедес“, сите со скопски регистарски ознаки, соопштија од МВР..

Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, но причините се уште не се познати.

притисни ентер